Милошоски хоспитализиран на Инфективната клиника поради висока температура

620

Кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, е примен на Инфективната клиника откако неколку дена имал покачена телесна температура, иако вчера имал негативен резултат за коронавирус. Тој на социјалните мрежи објави фотографија и објаснување дека нема други симптоми, ниту проблеми со дишењето што е честа појава кај заразените со вирусот.

– Други симптоми немам, дишењето е добро, апетитот и расположението исто така. Вчерашниот тест покажа негативни резултати на ковид-19, но по препорака на специјалист од Инфективна клиника, денес направивме уште еден тест, чии резултати се очекуваат во текот на утрешниот ден. На моето семејство и на медицинскиот персонал им благодарам за поддршката. Благодарност до сите вас за поздравите и добрите желби за брзо закрепнување – пишува Милошоски.

Пред четири денови, позитивни резултати на тестот за коронавирус доби мајката на Антонијо, Светлана Милошоска. Таа е вработена како медицинска сестра во болницата во Кичево.