Случајот со починатите мајка и син во Велес и посмртно дијагностицираниот коронавирус кај мајката, епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ го нарече контроверзен.

Тој објасни дека случајот сѐ уште се расчистува и дека е рано да се каже дали таа била навистина инфицирана.

– Во однос на точното време на смртта се уште на Институтот за судска медицина се работи на периодот кога може да настанала смртта така да не знаеме дали е три месеци или помалку. Не би шпекулирал со точен период кога е настаната смртта. Второ што е многу важно да се каже е дека со тестот се детектира генетски материјал. Не мора да значи дека тестот укажува дека постои жив вирус, едноставно е најдена нуклеинска киселина која што одговара на вирусот. Се уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе – рече епидемиологот Микиќ.

Министертот за здравство Венко Филипче најави дека наскоро ќе се знае кога точно настапила смртта кај велешанката.

– Тие податоци ќе ни бидат многу битни во однос на тоа што ќе следи, а тоа е како ќе ја анализираме состојбата со антитела, таканаречен скрининг на серолошкиот статус на населението генерално, кое што нема сега да почне туку малку понатаму заради тоа што се уште сме во фаза кога откриваме активни болни. Тие може да го пренесат вирусот и заради тоа сметаме дека е добра стратегијата на Комисијата за инфективни болести да се тестираат само пациенти кои имаат симптоми и сите нивни примарни контакти да бидат во своевидна изолација – рече министерот Филипче.

Поради укажувањата за асимптоматски пациенти Филипче смета дека се оправдани се рестриктивните мерки.

– Тие поминуваат со многу лесни па дури и со никакви симптоми и се активни преносители на вирусот и во даден момент тие ќе создадат антитела. Ние со рестриктивните мерки за движење успеваме како држава да влијаеме на овој вид раширување на вирусот – објасни министерот.

Анализите на заболените од грип кои се сомневаат дека прележале коноравирус министертот рече дека очекува да бидат готови до крајот на годината кога би требало да биде изготвена целосна мапа за состојбата со коронавирусот во Македонија.