„Меѓаши“: На родителите најважно им е децата да се здрави и сигурни

46

Без оглед дали наставата ќе биде онлајн или во училиште или комбинирана, на сите родители најважно им е децата да се здрави и сигурни, покажува анализата на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Од амбасадата велат дека целта на анализата била да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите, бидејќи според нив, клучно е истите да бидат земени во предвид при носење било какви одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември.

Во период од 22 јули до 3 август годинава, „Меѓаши“ спроведе квантитативно онлајн-истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година.

Генерално земено, резултатите покажуваат дека иако родителите/старателите имаат различни ставови по прашањето за каков тип на настава се од септември, карактеристична е заедничката грижа за здравјето на децата.

Истражувањето беше реализирано врз основа на анкета – спроведена на национален репрезентативен примерок, по случаен избор, преку Интернет, во периодот од 22 јули до 3 август истата го опфати мислењето на 1.003 испитаници.

– Квантитативното онлајн Истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година, даде резултати кои претставуваат еден вид глас и пораки од родителите и старателите на децата вклучени во основното и средното образование. Во рамки на истражувањето се добија оформени квантитативни и квалитативни оцени за: ставовите и мислењата на родителите/старателите за приоритетните потреби и интереси на децата во контекст на образовниот процес во новата учебна 2020/2021 година; ставовите и искуствата на родителите/старателите на децата-учениците во основното и средното образование во РМ поврзани со одвивањето на наставата од далечина во периодот март – јуни, 2020 година; за ставовите и очекувањата на родителите/старателите за начините и методите на вклучување на нивните деца во образовниот процес во новата учебна 2020/2021 година. Воедно се обезбедија соодветни информации и препораки, формулирани врз основа на индикативните наоди кои можат да послужат на чинителите и носителите на одлуки во образовниот процес, како поддршка во донесувањето на одлуки за методите на организирање на образовниот процес на децата во новата учебна 2020/2021 година; при тоа приоритетно акцентот треба биде на потребите и интересите на децата – велат од „Меѓаши“.