Медицински техничар од Шведска еден месец ќе помага на Инфективната клиника

260

Ханс Јорген Михаел Селберг е медицински техничар од Шведска којшто пристигна во нашата држава на 4 август преку европскиот механизам за цивилна заштита за да им помогне на своите колеги во Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби при нега на пациенти болни од ковид-19. Од Инфективната клиника велат дека Јорген одлично се вклопил во работниот процес со своите нови колеги. Тој им ги пренел своите искуства на колегите од нашата држава, а тие му помогнале да се вклучи во работните процеси.

– Незимерно сме благодарни на неговата солидарност и желба за помош и се надеваме дека ваквите иницијативи за меѓусебно помагање ќе продолжат и во иднина – изјавуваат од клиниката.

Неговиот работен ангажман ќе трае еден месец. За целиот овој период тој ќе работи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Преку Дирекцијата за заштита и спасување, која е главен координатор на европскиот механизам за цивилна заштита од почетокот на кризата со ковид-19 досега беше реализирана поддршка за повеќе државни институции во нашата земја меѓу кои и за Министерството за здравство.