Македонскиот полициски синдикат бара да им додели парична помош на заболените колеги

70

Македонскиот полициски синдикат со оглед на новонастаната состојба предизвикана од ковид-19, појавата на неколку случаи на заболени колеги од вирусот и случајот на починат колега од оквид-19, излезе со предлог-мерки и активности, кои бараат да се преземат во следниот период со цел почитување во целост на препораките за заштита од Светската здравствена организација, Владата и Центарот за јавно здравје.

– Итно да се почне со распределба на заштитна опрема и средства за дезинфекција, кои МВР ги доби како донација во изминатиот период, еднакво за сите вработени во Министерството (не селективно како досега) и со забрзано темпо да се почне со неделна дезинфекција на сите простории каде што вработените ги извршуваат своите работни обврски во Министерството и секојдневна дезинфекција на сите службени возила. Ставање во мирување сите постапки за утврдување дисциплинска и материјална одговорност, кои се водат во МВР, тестирање на ковид-19 на сите вработени во Министерството кои биле во контакт со заболените колеги, редовна исплата на испратнини на вработени во Министерството кои заминуваат во пензија – се наведува во соопштението.
Исто така, бараат да се почне со исплата на додаток на плата од 5 отсто за сите вработени во Министерството од криминалистичката полиција, кои своите работи и работни задачи ги извршуваат во смени и забрзување на тендерските постапки за работна униформа и ангажирање поголем број конфекции во државата со цел нивна побрза изработка.
– Поради неможноста да се искористи годишниот одмор од 2019 година во законски утврдениот рок, бараме да се пролонгира рокот за користење годишен одмор за време колку што трае спреченоста за користење или тој да се плати доколку за тоа има согласност од вработениот, да се изготви предлог-уредба со која приправниците од класата 2018/2019 ќе добијат овластувања без да полагаат приправнички испит. Во овој период, поради вонредната состојба во државата, вработените во Министерството се ангажираат повеќе од пропишаното со закон работно време поради што од ваша страна бараме да се изнајде решение за исплата на сите изработени часови, а сè со цел во иднина да го поштедеме Министерството од тужби и излевање големи парични средства од неговиот буџет.

Министерството да изготви и дистрибуира мини прирачник со инструкции за заштита од ковид-19 на вработените во Министерството за време на извршување на своите службени задачи, доделување еднократна финансиска помош во висина на една просечна плата на сите колеги што се заболени од ковид-19, како и на семејството на починатиот колега. Министерството за внатрешни работи итно да обезбеди и психолошка помош и поддршка на вработените што се во изолација или самоизолација – стои во соопштението.