Македонија и Европската Комисија ќе набават лекови и медицинска опрема

149

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од пристапување кон и потпишување на Заедничкиот договор за набавка на лекови и медицинска опрема со Европската Комисија.

За таа цел, како што информираат од владината прес-служба, задолжен и овластен е министерот за здравство да го потпише и соодветно имплементира Заедничкиот договор за набавка на лекови и медицинска опрема со Европската Комисија.

На оваа седница беше донесен и заклучок за воспоставување на централен механизам за примање, следење и распоредување на сите донации и помош што земјава ги добива, а со кој ќе раководи заменик на претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, како Национален координатор за странска помош.

Согласно заклучокот, донациите и помошта што ќе бидат примени, ќе се складираат централизирано, на едно место, и ќе се распоредуваат согласно потребите и приоритетите по доставени барања од страна на државните институции.

На предлог на Министерството за економија денеска министрите ја разгледаа и донесоа Уредбата за примена на Законот за акредитација за време на вонредна состојба, според која предвидува одложување на роковите за доставување на извештајот за реализираната програма за работа на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија за 2019 година, како и извештајот за работата на Советот за 2019 година и извештајот на Одборот за надзор на материјално-финансиска контрола за 2019 година, за време на траење на вонредната состојба.

Важноста на сертификатите за акредитација чиј рок е истечен или ќе истече за време на траење на вонредната состојба и на сертификатите за акредитација, чиј рок ќе истече во период од четири месеци по престанокот на траење на вонредната состојба, согласно оваа Уредба се продолжува до завршување на постапката за ре-акредитација од првото наредно оценување.

Телата за оцена на сообразност чиј сертификат за акредитација истекол или ќе истече за време на траење на вонредната состојба сe должни да иницираат постапка за ре-акредитација во рок од 30 дена по престанок на траење на вонредната состојба.

Надзорните над исполнување на барањата за акредитација и постапките за ре-акредитација кои требало или треба да се реализираат за време на траење на вонредната состојба се одложуваат за време на траење на вонредната состојба и ќе се реализираат по престанок на траење на вонредната состојба.

За време на траење на вонредната состојба може да се завршат постапките за акредитација, ре-акредитација и надзорните оценувања чии оценувања се реализирани и со оцена на потребните документите.

Според Уредбата, телата за оцена на сообразност за време на траење на вонредната состојба можат да достават барање и пријава за акредитација и други документи во врска со постапките за акредитација по електронски пат.

На денешната 39-та седница беше разгледана и усвоена Уредбата со законска сила за примена на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за време на вонредна состојба, чии одредби ги регулираат роковите за одлучување по барањата за одобрување на финансиска поддршка и исплата на финансиска поддршка, за склучување на договори за финансиска поддршка, намалување на финансиска поддршка поради неисполнување на договорни обврски од договорите за финансиска поддршка, за дополнување или дообјаснување на барањата за финансиска поддршка, за роковите за реализација на инвестициите предмет на договорите за финансиска поддршка, извршувањето на контроли на лице место на договорите за финансиска поддршка, кои истекуваат или ќе истечат за време на траењето на вонредната состојба, да се одложат и да се продолжат за 60 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Роковите определени во договорите за финансиска поддршка за реализација на инвестицијата, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што престанале и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Согласно оваа Уредба, роковите за доставување на барања за финансиска поддршка определени во јавниот повик за доставување на барања за финансиска поддршка по ИПАРД Програмата 2014-2020, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по престанок на траењето на вонредната состојба.