Македонија бара наградата од 50 милиони евра од ЕУ да се пренамени за справување со коронавирусот

313
Бујар Османи

Вицепремерот за европски прашања, Бујар Османи, преку официјално писмо испратено од Секретаријатот за европски прашања побарал од Европската комисија наградата за успешност најавена за земјава во вредност од 50 милиони евра да се пренамени за справување со коронавирусот. Наградата е за успешно менаџирање со реформите во државата, а беше наменета за инфраструктура и животна средина.

– Со парите од наградата за успешност беше планирано да финансираме проекти за животна средина за проблемите со воздухот, деле беше за Преспансиот регион и дел беа за транспорт, но сега сите овие проекти се во втор план и бараме Европската комисија тие средства да ги пренамени директно во државата за менаџирање на оваа ситуација со ковид-19. Владата го одобри тоа барање, комунициран е комесарот Оливер Вархеји и очекуваме денес или утре да имаме одговор дали и колку од тоа може да се пушти и во која временска динамика – рече вицепремиерот Османи.

Освен пренамена на парите од наградата за успешност Османи вели дека за финансиска поддршка за ликвидност на претпријатијата погодени од епидемијата, побарале пристап до средства од Банката за поддршка на развојот на Република Северна Македонија, за обезбедување брзи и краткорочни заеми кои брзо се одобруваат, а чие време на доспевање е до една година. Во писмото Османи побарал и измена на минималните критериуми за искористување на фондовите од ИПАРД – 2 програмата, односно зголемување на делот што претставува учество на делот на ИПА фондовите за сметка на сопствениот капитал што производителите на храна и земјоделците го внесуваат како влог во тие проекти, а побарал и да бидеме исклучени од рестрикциите кои ги најави ЕК за заштита на стабилноста на единствениот европски пазар, а кои се однесуваат најмногу на медицинска опрема и средства за работа.

Вицепремиерот Османи утрово извести и дека за Македонија доцна синоќа амбасадорите на постојаните земји членки постигнале консензус за одлука за почнување на преговори со Македонија со што нашата држава добива пристап и до европскиот солидарен фонд за справување со катастрофи од каде што може да се очекува дополнителна поддршка за справување со коронавирусот.