Локалите во Кичево со добра посетеност, гостите ги почитуваат пропишаните мерки

120
Фото: Зоран Антоски

Изминува и шестиот ден откако локалите во земјава ги отворија вратите за своите гости и притоа старите муштерии заседнаа на местата од каде што беа отсутни повеќе од два месеци. Во угостителските објекти во Кичево, на сите маси кои се поставени на поголемо растојание, има средства за дезинфекција на раце, и со мали исклучоци се тече според препораките на Владата во услови на пандемија.

Сопствениците нна локалите претежно се задоволни од одзивот на гостите по отворањето на своите локали.

– Сите сме задоволни што конечно почнавме со работа. Речиси од првиот ден во нашиот локал се вратија гостите кои претходно беа наша редовна клиентела. Со мали исклучоци повеќето се прилагодуваат на новите услови кои ги пропишува Владата. Масите да бидат наместени на прописно растојание и на секоја маса да има задолжително средство за дезинфекција на раце. За да ги запазиме сите критериуми, моравме да вложиме повеќе средства во дезинфенција на објектот и за лична хигиена на гостите и вработените, што секако во старт го поскапува нашето работење, но во овој момент немаме друг избор, бидејќи коронавирусот е закана за сите нас – вели Гоце, сопственик на кафетерија.

И граѓаните се презадоволни што повторно можат со кафе да се дружат и да уживаат во топлото време и да се потсетат на убавите времења од пред неколку месеци, кога го немаше коронавирусот.

– Отворањето на локалите од поодамна го посакувавме и нашите желби се остварија, а ние повторно можеме да се дружиме со кафе, ладно пиво или некоја ракија. Но за да нема последици по нашето здравје, ги почитуваме пропишаните мерки, да не се групираме повеќемина на една маса, да ја одржуваме личната хигиена и на тој начин да се заштитиме себеси и нашите најблиски. Видливо е дека сопствениците на локалите се погрижиле хигиената да биде на потребното ниво – велат Коста и Раде, редовни гости во еден локал во средиштето на Кичево. З.А.