Лицата со попреченост не треба да вадат дозвола за движење, но со себе да носат наод

66

Викендов важи 61-часовна забрана за движење, но лицата со попреченост можат во сабота и недела од 11.00 до 13.00 часот да бидат надвор, со придружник а во работните денови од 19.00 до 20.00 часот, соопшти дополнителната заменик министерка за труд и социјала, Санела Шкријељ.

Таа на видеосесијата „Ковид-19, прашања и одговори“ посочи дека владата одговорила на барањата на лицата со попреченост затоа што за нив движењето е терапевтска активност.

– За овие лица не треба дозвола за движење, туку со себе треба да имаат наод или решение кое ја докажува попреченоста – објасни заменик министерката.

Шкријељ укажа и дека сите мерки кои ги имплементира Министерството за труд и социјална политика, и пред состојбата со коронавирусот и посебно сега, се насочени кон ранливите групи.

– Ние го прилагодуваме целиот систем на социјална заштита да овозможи брз влез на сите домаќинства кои останале без приходи. Корисниците на гарантирана минимална помош, околу 30.000 лица, ќе добијат и дополнителна исплата на енергетски додаток од 1.000 денари во април и мај, инаку законски тоа право се исплаќа од октомври до март. Во услови кога сите потенцираме колку е битна хигиената, за семејствата што живеат во супстандардни услови, од почетокот на времените мерки, министерството испорача над 600 пакети со хигиенски продукти. Со УНИЦЕФ обезбедуваме и втора тура хигиенски пакети за помош. Постојано работиме со нашите партнери, со Црвен крст и преку Центрите за социјална работа за да им помогнеме на најранливите семејства. Заедно со УНДП воспоставивме сервис кој е насочен кон лицата со попреченост и старите лица, да им помогне во секојдневното функционирање, во 27 општини – рече Шкријељ.

Според неа, во услови на пандемија на коронавирусот, особено е важно родителите да го прилагодат движењето на децата согласно препораките на Владата за постапување во услови на вонредна состојба и воведениот полициски час.

– Она што го препорачуваме е родителите да се договорат за начинот на одржување на контактите на децата со родителот со кого не живеат, а притоа децата да не бидат изложени на опасностите кои со себе ги носи оваа пандемија – истакна заменик министерката дообјаснувајќи дека центрите за социјална работа како надлежни органи им се на располагање на родителите за обезбедување на неопходната стручна и советодавна поддршка.