Лабораторијата за вирусологија успешно го помина тестот на компетентност за детекција на ковид-19

69

Лабораторијата за вирусологија при Институтот за јавно здравје го помина со максимален успех надворешниот тест на компетентност за детекција на САРС-Ков-2, спроведен од Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ).​ Ова е исклучително значајно признание со кое се потврдуваат заложбите на здравствениот систем за справување со вирусот ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче, вчера ги посети вработените во Институтот и им честиташе за успехот.

– Неодамна, експертски тим од Светската здравствена организација ја прогласи лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје за национален инфлуенца центар и рамноправен член на глобалниот систем за надзор и одговор на грип. За таа цел, експертскиот тим спроведе мисија за проценка и верификација на капацитетите на лабораторијата. Сето ова е уште една потврда за квалитетот на резултатите кои произлегуваат од лабораторијата на Институтот за јавно здравје, заедно со конфирмацијата на резултатите од референтната лабораторија на СЗО за детекција на САРС-Ков-2 – Шарите од Берлин, Германија – изјави министерот Филипче.

Лабораторијата за​ вирусологија е опремена со високо софистицирана опрема и современи и валидизирани реагенси и тестови, а воедно е кадровски екипирана со искусен и добро обучен персонал.​

Оваа лабораторија​ е​ референтна лабораторија во земјата за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи​ грип, морбили и рубеола, арбовируси (западно нилска треска, усуту вирус, вирус на крлежен енцефалкит, ЗИКА, вирус на рифт валеј треска и др), како и вируси на хеморагични трески – хантавирус, кримско-конгоанска треска и други.