Кривичен суд: Адвокатите да не манипулираат со јавноста

35

Основниот кривичен суд Скопје апелира до дел од адвокатите да не манипулираат со јавноста во однос на условите за водење на судските расправи и почитувањето на мерките во однос на превенција за ширење на вирусот ковид-19.

– Како што секојдневно информираме и апелираме, судот, согласно одлуката на Судскиот совет и Министерството за правда, изготви листа од околу 300 итни и неодложни предмети кои се насрочени во текот на месеците: март и април, од која листа во судот на дневна основа се насрочени не повеќе од 10 судења и тоа во зграда со 25 судници распоредени на седум ката. Токму затоа и судењата со поголем број странки се одвиваат во една од трите поголеми судници каде има доповолно простор и одалеченост меѓу присутните како што беше и денешниот пример со предметот во јавноста познат како „Титаник“ на кој во делот за јавност имаше и присутни претставници на медиумите – велат од Судот.

Од таму ги повикуваат медиумите и претставниците на невладините организации кои ја следат работата на судот, доколку се во можност да присуствуваат не некоја од идните закажани расправи за да се уверат во условите за судење и во секојдневните известувања дека судот редовно се дезинфицира, се мери температура со бесконтактен уред на секој кој влегува во зградата, се користат медицински маски и стерилни ракавици и фреквенцијата на луѓе е сведена на минимум.

– Судот уште еднаш апелира дека и адвокатите кои ги критикуваат мерките кои ги презема судот, а дел од нив од претходно ги известиле судиите дека се спречени да присуствуваат на судењата и воопшто не се појавиле во судската зграда изминатите денови, дека сите подеднакво треба да ги почитуваме препораките и да дадеме придонест во борбата со вирусот. Судот, сè до добивање нови напатствија од Судскиот совет и Министерството за правда е должен да се води по нивните досегашни одлуки и да ги штити правата на обвинетите и оштетените во постапките – се наведува во соопштението.

Претходно седумдесет и четири адвокати го обвинија Основниот кривичен суд Скопје дека врши директна повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во Скопје. Адвокатите бараат итно да се преиспита одлуката на претседателот на Кривичниот суд за продолжување на 308 судења.