Кражбите преполовени, но и понатаму ги има

423
Фото: Игор Бансколиев

Ограничувањето на движењето се чини не важи за сите

Нецели две недели од воведувањето на полицискиот час излегуваат на површина и одредени аномалии, односно злоупотреби на ограничувањето на движење. Некои од граѓаните реагираат дека токму во периодот додека траат полицискиот час и забраната за движење се случуваат кражби по дуќани, викендички, па дури и училишта.
Неколку аптеки беа цел на разбојници изминатата недела, некои угостителски објекти се принудени да организираат чуварски служби, бидејќи им го снемува инвентарот, а едно основно училиште остана и без техничка опрема откако разбојник упаднал за време на полицискиот час и ја однел опремата.
Од друга страна, полицијата тврди дека од воведувањето на полицискиот час речиси двојно е намален бројот на кражби, но не појаснува како се случува во време кога има забрана за движење на обичните граѓани, повторно да се случуваат кражби, макар и да се двојно помалку.

– Пред некоја вечер ми беа украдени неколку столчиња од кафулето. Навистина не ми е јасно како може да се случи такво нешто во време кога надвор нема никој. Сега оставам по еден вработен да дежура навечер во кафулето, оти очигледно полицискиот час не важи за крадците – вели сопственик на локал од Скопје.
Цел на разбојниците за време на полицискиот час беа и аптеките, при што минатата недела само за два дена беа ограбени три аптеки на територијата на Скопје.
Крадците во време на ограничено движење „оперираат“ и во викенд-населбите, ограбувајќи ги викендичките.

– Викендов накратко бев да ја проверам викендичката и забележав дека некој влегол во помошната просторија и ми украл два електромотора. Случајот не го пријавив во полиција, бидејќи не е некоја голема материјална штета, но се плашам дека крадците повторно може да навратат и да ја обијат и викендичката – вели Стојан Стефановски, сопственик на викендичка во околните скопски викенд-населби.
Тој додава дека сега постојано престојува во викендичката за да спречи евентуална кражба, а повремено се менува со синовите.
– Не ми е јасно каква е таа дрскост. Да излегуваш и да крадеш за време на полициски час навистина е лудост – нагласува Стефановски.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека бројот на кражби во периодот откога е воведен полицискиот час е речиси преполовен во однос на истиот период минатата година.

– Од воведувањето на т.н. полициски час досега статистички е забележано намалување на извршени кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“. Имено, во периодот од 22 до 26.3.2020 на подрачјето на Скопје се пријавени 12 кривични дела „кражба“, додека во истиот период во изминатата година биле пријавени 32 кривични дела „кражба“. Потоа, во периодот од 22 до 26.3.2020, на подрачјето на Скопје се пријавени 34 кривични дела „тешка кражба“, а во истиот период во изминатата година биле пријавени 73 кривични дела „тешка кражба“ – појаснуваат од МВР.
Како и да е, факт е дека полицискиот час е воведен првпат во историјата на независна Македонија, но тоа не го оправдува однесувањето на граѓаните што и натаму продолжуваат со незаконските активности. Токму забраната за движење на цивилите ѝ овозможува на полицијата полесно да се справи со крадците и во вакви услови..