Комисијата предлага карантин од четврток вечер до понеделник во некои општини

532
фото: Маја Јаневска Илиева

Комисијата за заразни болести до Владата ќе достави предлог за повторно враќање на полицискиот час за време на претстојниот продолжен викенд поради празникот Задушница и зголемениот број на нови случаи на коронавирус во изминатите денови.

Комисијата предлага полициски час од четврток (4 јуни) од 21 часот до понеделник (8 јуни) до 05 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, општина Куманово, општина Липково, општина Штип, општина Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

Во сите останати градови, Комисијата предлага полицискиот час да трае – од четврток (4 јуни) од 21 часот до петок (5 јуни) до 05 часот наутро. Останатите денови полицискиот час да започнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 05 часот наутро.

Заради зголемениот број на ново дијагностицирани случаи со ковид-19 во земјата, денеска министерот за здравство, Венко Филипче одржа координативен состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални Центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи на кој се разговараше за понатамошното делување во насока на спречување на ширењето на заразата.

– Дополнително на состанокот, на претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани потешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно делување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките – соопшти МЗ.

Во последните 24 часа се направени 974 тестирања, а регистрирани се 101 нови случаи на ковид-19, информираат од Минитерството за здравство, од кои најголемиот број во Скопје – 59. Останатите се од Куманово – 12, Штип – 7, Прилеп – 1, Тетово – 5, Струга – 6, Велес – 1, Охрид – 1, Кавадарци – 1, Гостивар – 3, Кочани – 3, Пробиштип – 2.

Во изминато деноноќие регистрирани се и четири смртни случаи.