Колку се инвестира во услови на пандемија

79
Фото: Маја Јаневска-Илиева

АНАЛИЗА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Нашиот весник контактира со стопанските комори и со бизнис-заедниците во потрага по одговори како пулсираат инвестициите во македонската економија под превезот на пандемијата. Направивме и споредбена анализа за тоа какви се состојбите во светот

Животот во услови на пандемија предизвика големи потреси чии последици не се само од здравствена природа туку имаат и економска и социјална димензија, бидејќи во овој период дел од државите се соочуваат со рецесии.

Од друга страна, познавачите на економските случувања честопати истакнуваат дека во моменти на криза, претприемачкиот дух треба да го следи главното економско правило, а тоа е да се инвестира во бизнисите.
„Нова Македонија“ контактира со стопанските комори и со бизнис-заедниците во потрага по одговори како пулсираат инвестициите во македонската економија под превезот на пандемијата.

Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија вели дека македонските компании, во согласност со своите планови и проекции за развој во услови на глобална здравствено-економска криза носат индивидуални одлуки за инвестиции, а Стопанската комора на Македонија следејќи ги нивните активности ја информира јавноста за реализираните деловни одлуки.

Оттаму истакнуваат дека има многу случаи во кои нивните членки компании во овие времиња инвестирале во човечки кадар, во ресурси и во производство на добра што се пласираат на домашниот и на странскиот пазар. Според Стопанската комора, компанијата „Виталиа“ инвестирала во изградба на нов објект од над 700 квадратни метри, со што ќе се овозможило отворање на 50 нови работни места, „Витаминка“ го проширила производството со инвестиции во три нови вида масла од брендот „Брилијант“, „Тиквеш“ инвестирал 720.000 евра сопствени средства во нови лозови насади. Натаму, „Гранит“ вработил 105 нови работници на работни позиции на повеќе капитални проекти на кои е ангажиран. Натаму, ЈП „Стрежево“ инвестирало 20 милиони денари во водостопанска инфраструктура, за реализација на проектите на кои работи за зголемување на наводнувани површини, а „Македонски телеком“ со најавата на кризата ги насочи сите финансиски и човечки ресурси и инвестиции во зајакнување на мрежните капацитети.

Од друга страна, пак, Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, смета дека, според информациите што ги имаат од терен, постојат минимално планирање и одлуки за инвестициска активност, со оглед на непредвидливиот деловен амбиент во земјата, предизвикан од здравствено-економската криза, но и како резултат на самата политичка состојба во државата.
– За да се почнат инвестициски активности, неопходно е во следниот период итно и без одложување да се формира влада, која ќе посвети внимание на три клучни приоритети. Тие се интервентно да се дејствува на економско стабилизирање и безрезервна поддршка за микро, малите и средните претпријатија, кои имаат проблеми со ликвидноста, справување со сивата економија и неконтролираната е-трговија, која ги оштетува буџетот и регистрираните претпријатија, како и неселективна примена на прописите и воспоставување владеење на правото за долгорочна стабилност на економијата и забавените планирани економски и инвестициски активности – истакнува Арсовска.

Горан Марковски, член на одборот на директори и на „Публикум инвест“, друштво за управување со инвестициски фондови, смета дека во моментов актуелни вложувања по сектори има во компаниите што припаѓаат на технологијата, биотехнологијата и фармацијата.

– Тоа се дејности што се сметаат за резидентни во овие времиња – изјави Марковски.
Според него, во однос на Македонија, кога се инвестира треба да се изберат компании што имаат здрави и сигурни биланси, кои во конкретнава ситуација беа засегнати и одредени параметри во работењето. Но суштински на долг рок, тие би требало да се вратат во нормална во работата, бидејќи е нормално дека овој шок ќе помине и ќе се врати сѐ во нормала – вели тој.

Марковски резимира дека ако се инвестира во овој период, битно е да се направи анализа на работењето на домашните компании и да се процени дали се здрави компании и дали имаат перспективи во контекст на новите случувања.
Инаку, според официјалните статистиката на Народна банка на оваа тема, во текот на првиот квартал од 2020 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 137,3 милиони евра, како резултат на зголемување на нето-приливите кај сите компоненти, и тоа: реинвестирање на добивката за 86,3 милиони евра, меѓукомпаниски долг за 30,5 милиони евра и сопственички капитал за 20,5 милиони евра.


Светски искуства

Во контекст на актуелните економски случувања, за забележување се состојбите во светските економии.
Американскиот медиум „Њујорк економи“ информира дека во овие клучни времиња треба да се инвестира во индустриски гранки што ќе ги преживеат турбуленциите.
Веб-сајтот како такви ги истакнува компаниите од прехранбената индустрија бидејќи тие имаат задача да ја нахранат светската популација, која бележи раст и затоа оваа дејност ќе биде отпорна на кризата и шоковите.

Натаму, медиумот ги наведува фирмите од енергетскиот сектор, кој е круцијален за функционирањето на државите, и компаниите од ИТ-индустријата, како и фармацевтските и медицински организации, кои нема на „своја кожа“ да ги почувствуваат негативните последици од пандемијата.
На слична тема, пак, „Дојче веле“ пишува дека е најмудро да се капитализира во фирми што заработуваат од настаните од пандемијата.

Според германскиот медиум, пак, такви примери се американската компанијата „Нетфликс“, која се занимава со продукција и пласман на видеосодржини и филмови. Натаму, „Дојче веле“ како опција ја истакнува и германската компанија „Тим вјуер“, која овозможува купопродажба на програми за работа од дома. Медиумот истакнува дека добри фирми за инвестирање се оние што продаваат апарати за фитнес во домовите, фармацевтската фирма „Модерна“, која е гигант на пазарот за лекови во светот, како и малезиската компанија „Топ глав“, која е најголем светски производител на медицинска заштитна опрема, чии акции вртоглаво растат на берзата од почетокот на кризата па досега.

[email protected]