Колективниот стереотип повторно дојде до израз

206
Фото: Игор Бансколиев

Откако информацијата за зголемени рестриктивни мерки првично преку Твитер ја најави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а потоа ја обелодени и премиерот Спасовски, веднаш се формираа метежи пред аптеките, банките, поштите, маркетите во државата. Колку ваквите метежи и колони граѓани придонесуваат за спречување на ширењето на заразата

Во светлината на најавите за досега најопсежните рестриктивни мерки

Најновата мерка за продолжување на важењето на полицискиот час од 16 до 5 часот секој работен ден, како и целосната забрана за движење за време на викендите на територијата на целата земја, ги поттикна граѓаните уште веднаш буквално да ги преплават аптеките, банките, пазарите, маркетите, формирајќи огромни редици и не запазувајќи ги препораките за држење растојание, со што дополнително се зголеми опасноста од ширење на вирусот.
Откако информацијата за зголемени рестриктивни мерки првично преку Твитер ја најави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а потоа ја потврди и премиерот Спасовски, веднаш се формираа метежи пред аптеките, маркетите, банките, а тоа стана повпечатливо во текот на вчерашниот ден, кога маса народ излезе на улиците за да ги пополни домашните резерви со храна, лекови и други потрепштини.
– Морав да појдам до банка и до пазар, иако знаев дека ќе има метеж.

Знам за препораките на Владата да не излегуваме од дома, но нели треба да се јаде? Покрај тоа, за две недели е Велигден, а можеби тогаш ќе има уште построги мерки, па затоа излегов со време да си купам јајца, месо, нешто овошје и зеленчук – вели Милка Здравковска, пензионерка од Скопје.
Таа додава дека не стравува многу од вирусот, но се обидува колку што може да ги почитува мерките.

– Ставам шал на устата и носот, маски и ракавици не користам, туку по враќањето дома темелно ги мијам рацете. Маските и ракавиците им се попотребни на нашите лекари, затоа не сакам ние да ги трошиме – нагласува Здравковска.
Продавач на зеленото пазарче вели дека со секоја најава на нова рестриктивна мерка се зголемуваат метежите на пазарите.
– Така беше најпрво кога се воведе вонредната состојба, па полицискиот час, па еве и сега, кога се зголемува траењето на полицискиот час. Се купуваат јајца, компир, грав, ориз, сè што може подолго да трае – вели Ѓоко Апостолов, трговец.
Банките, пред чии филијали има огромни метежи, апелираат до своите корисници повеќе да ги користат услугите за електронско банкарство, за да се избегне контактот меѓу луѓето и да се намали заканата од зараза. Тие го намалија и бројот на активни филијали, но се чини дека токму тоа предизвика обратен ефект.

– Чекам да си ја земам пензијата. Знам дека има метеж, но немам друго решение. Јас не разбирам интернет, ниту, пак, имам компјутер за да плаќам од дома. Вака ми е посигурно, но се направија метежи бидејќи некои филијали се затворија, па сега луѓе од едни населби одат во други и се собираат повеќе луѓе на едно место – вели Бранимир Стојановиќ, пензионер што чекаше пред филијалата на една банка.
Слична е ситуацијата и пред поштите, но и пред аптеките.
– Дојдов да платам сметки, оти не сакам да ми се собираат. Кажуваат дека може да го одложиме плаќањето на два-три месеца, но не знам какви времиња доаѓаат, можеби ќе доцнат платите, така што сакам сè да си расчистам. Има редици, но носам заштитна маска и се обидувам некако да функционирам и во вакви услови – вели Теа Ристевска.
Здравствените власти инсистираат да се внимава на физичкото дистанцирање и да се почитуваат препораките.

– Граѓаните треба целосно да ги почитуваат и максимално да се придржуваат на препораките на здравствените власти. Сите тие ограничувања стануваат сè поголеми затоа што не се постигнува доволен ефект со нивото на препораки што претходно функционирале, па затоа се заоструваат. Колку ние самите ќе станеме свесни дека како граѓани ја имаме клучната улога во ширењето на инфекцијата, колку повеќе се придржуваме до препораките дадени од здравствените власти, толку ќе биде можно здравствените власти побрзо да се справат со епидемијата – вели Ленче Нелоска, магистерка по јавно здравје, дерматолог.
Таа апелира и до медиумите, информациите и препораките во врска со пандемијата попластично да ги пренесуваат до сите граѓани, со можност тие полесно да ги разберат, истовремено инсистирајќи на физичка дистанца.

– Физичката дистанца е најбитна. Треба да сфатиме дека никој не е поштеден, дека никој нема гаранција дека не може да се разболи од коронавирусот… Никој нема изграден имунитет, бидејќи допрва го градиме и тој колективен имунитет на овој вирус. Секој е можна жртва. Најризична е постарата популација, со хронични болести, но нема правило, секој е во ризик да биде жртва на оваа болест, а единствен начин е сите да ги спроведуваат препорачаните мерки, во однос на физичката дистанца и во однос на хигиената, како што впрочем препорачува и Светската здравствена организација – нагласува Нелоска.
За градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во чиј град најпрво беа воведени порестриктивни мерки за забрана за движење во време на викендите, токму начинот на кој се исплаќаат пензиите го зголемува ризикот од ширење на вирусот, особено меѓу постарите.

– Треба да се врати стариот начин на исплата на пензиите, поточно преку пошта. Поштарите ќе им ги носат пензиите на пензионерите на домашна адреса и нема да се формираат метежи пред филијалите – смета Димитриевски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања и истовремено национален координатор на општинските штабови за борба со пандемијата Бујар Османи вели дека одлуките за порестриктивни мерки се носат во согласност со оцените на кризниот штаб.
– Капацитетите на државата не се неограничени. Тоа е еден момент. Вториот момент се непредвидливоста на епидемијата и мерките што следуваат. Ние ги носиме мерките како што се развива состојбата. Комисијата за заразни болести седнува, прави епидемиолошка анализа врз основа на емпириските податоци на земјите што се малку пред нас во епидемијата и научните податоци и тоа што може да се има како научен податок за овој вирус, но и вирус што никогаш не постоел, така што и мерките се непредвидливи, бидејќи вие на можете да планирате што мерки ќе носиме ние за три-четири недели – вели Османи.
Тој најави дека ако има потреба, ќе се ангажираат и резервите на државата, мислејќи на воените и полициските резерви.

– Тука многу важен ќе биде придонесот на граѓаните. Ако граѓаните ја водат оваа битка заедно со нас, полесно ќе им биде и на полицијата и на војската и на здравствените работници. Секое отстапување од полицискиот час, од препораките, е една нова тешкотија за еден полицаец, за еден здравствен работник. Затоа, ова однесување на секој влијае можеби во еден друг град, во еден друг крај на државата и затоа сите сега треба да бидеме во иста линија, да бидеме координирани и убеден сум дека успешно ќе излеземе од оваа состојба – истакна Османи.