Ковид-центар наскоро ќе биде поставен во кругот на кичевската болница

115
Фото: Зоран Антоски

Се поголемиот број инфицирани лица со ковид-19, како во земјава така и во Кичево, ја наложи потребата да се зголеми бројот на ковид-центри во државата, за да се олесни прифатот на заразените со коронавирус. Еден од 16-те ковид-центри кои наскоро ќе бидат поставени во повеќе здраствени установи во земјава, ќе биде изграден во кругот на кичевската болница и ќе се состои од два монтажни објекти. Оваа вест ни ја потврди и директорот на кичевската општа болница д-р Станко Трпески.

– Во наредните триесетина дена нашата болница ќе добие ковид-центар каде ќе бидат згрижени потешките случаи на заразени со ковид-19 од нашиот регион. Сите административни формалности се завршени во Владата и најдоцна до средината на септември новиот ковид-центар треба да ги прими првите пациенти. Неговиот капацитет од над 20 кревети сметаме дека ќе биде доволен да одговори на потребите на нашиот регион. Истиот ќе биде опремен со најсовремена апаратура, каква што досега се применува во постоечките ковид-центри во земјава. Со изградбата на центарот ќе се намали притисокот од наша страна кон центрите во Битола и Скопје, што е впрочем и главна интенција за изградба на овој ковид-центар – истакна д-р Станко Трпески.

Како ќе биде организиран новиот ковид-центар подетална информација добивме и од д-р Џабир Бајрами, директор на Здраствениот дом.

– Едниот објект од новиот ковиот ковид-центар ќе биде поставен во близина на првата помош, ќе има и дел за преглед и прием на пациенти, а тука ќе можат да се третираат и оние лица кои имаат дневна потреба, додека во другиот објект ќе бидат сместени лежечки пациенти. Персонално сме солидно покриени и сметаме дека соодветно ќе одговориме на сите предизвици поврзани со коронавирусот – додаде Бајрами. З.А.