Клиниката за неврологија изготви „Водич за справување со невролошки заболувања во услови на ковид-19 пандемија“

176

Универзитетската клиника за неврологија изготви „Водич за справување со невролошки заболувања во услови на ковид-19 пандемија“, кој содржи стручни препораки и насоки во однос на следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици, и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со ковид-19. Препораките се направени врз основа на досегашните искуства и известувања од повеќе медицински центри, стручни асоцијации на невролози и мислења од експерти, а во согласност со иницијативaта на Европската академија за неврологија (EAN).

Водичот содржи посебни поглавја во однос на невролошките заболувања и ковид-19, како и генерални препораки за имуносупресивна/имуномодулаторна терапија кај пациенти со невролошки заболувања, како што се пациенти со мултипла склероза, миастенија гравис, невромускулни заболувања и неинфламаторни заболувања на централниот нервен систем.

– Со растечкиот број заболени од ковид-19, се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека АЦЕ-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за САРС КоВ-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации. Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од ковид-19. Сознанијата за ковид-19 секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на ковид-19 пандемија не е дефинитивен. Се наоѓаме на турбулентен терен со постојани динамични промени кои бараат следење и збогатување на знаењата и токму тоа е основната идеја за изработка на овој краток водич, кој треба да биде рамка во која неврологот со своето знаење и искуство ќе направи процена и ќе донесе одлуки за третман запазувајќи го индивидуализираниот пристап кон секој пациент – се посочува во воведот на овој водич.