И спомен на мртвите со почитување на физичката дистанца

734
Фото: Игор Бансколиев

Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија посочуваат дека до верниците ќе упатат апел за почитување на мерките пропишани од здравствените власти, како одржување на физичката дистанца и задолжителното носење заштитни маски, и потсетуваат дека и претходно укажувале на тоа дека задушницата се состои во молитвеното застапништво за починатите, а не во количеството храна што ќе се раздаде на гробиштата

ПРЕД ПРЕТСТОЈНОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ЗАДУШНИЦА И НА ДУХОВДЕН

Само на два дена пред почетокот на претстојниот викенд, кога ќе се одбележуваат Задушница и Духовден, здравствените власти сѐ уште немаат прецизирано како ќе се регулира посетата на гробиштата, како и извршувањето на традиционалните обичаи за овие верски празници.
Традиционално, секоја година во овие денови е забележана масовна посета на гробиштата низ земјата, со што се зголемуваат можностите за групирање на луѓето, а адетите со раздавање храна го зголемуваат ризикот од повеќе контакти, а со тоа и на ширење на коронавирусот. Според обичаите, многумина од православните христијани уште в петок ќе заминат на гробиштата да ја одбележат Задушница, в сабота навечер, пак, ќе одат таму за да преноќат, а другиот ден ќе делат и ќе оставаат храна на гробовите. Тие сметаат дека на тој начин им оддале почит на починатите.

Министерот за здравство Венко Филипче пред два дена посочи дека следните денови ќе се анализира бројот на нови заразени лица и во согласност со тоа ќе се носат новите одлуки за однесување на граѓаните во претстојниот период. Тој не ја исклучи можноста овие денови повторно да се воведе полициски час.
Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија посочуваат дека до верниците ќе упатат апел за почитување на мерките пропишани од здравствените власти, како одржување на физичката дистанца од два метри, да се носат заштитни маски и да не се групираат на гробовите што ги посетуваат.
– Ќе упатиме и апел граѓаните да не ги посетуваат масовно гробиштата и да не го прават вообичаеното раздавање храна на гробовите, туку да запалат свеќа и свештеникот да го направи молитвениот чин – кратко објаснуваат од МПЦ.

Свештениците на МПЦ веќе неколку години апелираат верниците да му се посветат на христијанскиот начин на одбележување на Задушница и Духовден. Велат дека верниците треба да ги слушаат свештениците, кои изминатите години постојано зборуваат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колку количество храна ќе се раздаде на гробиштата.
Задушница, која се слави во споменот на починатите, секогаш се паѓа во саботата пред Духовден, кој се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух.

[email protected]