ИЈЗ: Бројот на нови случаи намален за 9,9 отсто во однос на минатата недела

48
Фото: Игор Бансколиев

Бројот на новозаболени со коронавирус во периодот од 23 до 29 ноември се намалува, додека расте бројот на оздравени пациенти, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Во овој период тестирани се 18.767 лица, што е 4,6% помалку во однос на минатата недела. Регистрирани се 6.745 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 9,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а процентот на позитивни од тестирани во изминатата недела е 35,9%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години (24,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (20,9%), 40-49 (18,7%), 50-59 (17,9%) и 20-29 (13,0%).

Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,5%) и 10-19 години (3,9%).

По добиени два негативни теста за присуство на вирусот или со употреба на новиот алгоритам, оздравени се водат 5.930 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 16,3% повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, незначително намалување за 1% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50- 59 години, три смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и четири случаи во возрасната група од 30-39 години.