Исполнети се 50 отсто од капацитетот на Клиниката за инфективни болести

99

Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека сè уште има слободен капацитет на Клиниката за инфективни болести, имајќи предвид дека исполнетоста е 50 проценти и во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, медицински сестри од другите клиники, согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника.

Според Филипче, на Клиниката во овој момент се лекуваат 54 пациенти од кои четворица пациенти се критични, а 20 пациенти имаат потреба само од кислородна маска, покрај редовната терапија. Останатите пациенти се со лесна клиничка слика, без потреба од поддршка на дишењето во смисла на дополнителен довод со кислород.

Министерот изјави дека веќе е во функција пунктот во поликлиниката „Чаир“, а утре се отвора и пунктот во поликлиниката „Млин Балкан“, со што капацитетот на пунктови во Скопје практично се дуплира, а до крајот на неделата почнуваат со работа и останатите пунктови ширум државата во здравствените домови, што всушност ќе значи трикратно зголемување на пунктовите, согласно големината на градот, кои веќе функционираат во Центрите за јавно здравје.

Во врска со мобилната болница до Инфективната клиника, министерот информираше дека таа е при крај, во тек е поставувањето кревети, завршен е доводот со воздух, греењето и ладењето и во текот на утрешниот ден практично ќе биде во функција, а целосно се очекува да биде готова до крајот на неделата.

Во рамки на прес-конференцијата, министерот за здравство информираше за Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, кој практично престанува со работа и не прима повеќе пациенти. Двајца од овде дијагностицираните се префрлени на Клиниката за инфективни болести, а се чекаат резултатите во текот на денот на 16 пациенти, кои се тестирани, односно е земен материјал во изминатите денови. Министерот Филипче додаде дека сите пациенти на кои им е потребна оваа медицинска дејност, здравствена услуга можат да добијат во амбулантскиот дел во ГОБ „8 Септември“.

– Во однос на Градската општа болница „8 Септември“, во текот на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, разговаравме за моделот со кој може да се забрзаат резултатите со оглед на тоа што огромен број пациенти доаѓаат и за друга здравствена услуга, како и директно заради сомневање поради воспаление на белите дробови и еден дел од тие мобилни тимови ќе биде посветен токму на земање анализи од болницата „8 Септември“. Другиот мобилен тим, кој го најавивме во текот на минатата недела, ќе работи преку системот за закажување и Институтот за јавно здравје, пред се за повозрасните граѓани, а со цел тие да не излегуваат од дома и брис и материјал да им се земе во домашни услови – информираше министерот.

Тој кажа дека сè уште не е завршено тестирањето за двајца пациенти, во врска со информацијата за пациентот од Битола и жената од Лабуништа, која е почината вчера. Материјали се земени кај двајцата, непосредно „пост мортум“.

– Веднаш кога ќе бидат готови резултатите ќе и ги соопштиме на јавноста – истакна министерот.

Во однос на прашањето кое беше поставено во текот на вчерашниот ден за пациентот кој почина на 31-годишна возраст, министерот појасни дека во анамнезата и документацијата на Клиниката за инфективни болести не било наведено дека укажал на претходни заболувања, иако кај специјалистите кај кои претходно правел консултации укажал дека има некои претходни здравствени состојби, но во историјата на Клиниката нема наведено никакво друго заболување.

Вкупниот број тестови направени во нашата земја, од почетокот на пандемијата, досега, изнесува 3.518 тестови.

Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска изнесува 329 лица. Девет пациенти починаа, а 12 се излекувани.