Изолацијата и забраната за посети најефикасни мерки

379
Во земјава има неколку десетици домови за стари лица, во кои има капацитет од 624 легла / Фото: Игор Бансколиев

ЗГОЛЕМЕНА БУДНОСТА ВО ДОМОВИТЕ ЗА СТАРИ ЛИЦА

Последниот случај со ширењето на коронавирусот во дом за стари лица во Хрватска, при што 10 лица се заразени, а уште 45 се префрлени на лекување, само покажува колку е подмолен вирусот ако се вовлече на две локации, во болниците и во домовите за стари лица.

Во двата случаја, како што покажаа искуствата од Италија, Шпанија, Велика Британија, САД и другите погодени земји, последиците би можеле да бидат трагични.
Во Словенија токму старските домови се едни од најкритичните жаришта на епидемијата. Словенците имаа несреќа што коронавирусот навлезе во старски дом многу рано, само неколку дена откако оваа земја го регистрира првиот заразен. Словенечката статистика покажува дека од ковид-19 починале 36 граѓани, а секој петти бил штитеник во некој старски дом.
Старските домови не ги одбранија ниту Германците, а загрижувачка е и состојбата во САД.

Во земјава има неколку десетици домови за стари лица, еден дел државни, во кои има капацитет од 624 легла, а поголем дел приватни, во кои капацитетите за сместување се двојно поголеми.
Минатиот викенд беше потврден прв случај на коронавирус кај пензионер сместен во дом за стари лица во Битола, поради што беа изолирани и другите лица што биле во неговата близина, но истовремено се вклучи и алармот за поголема заштита на оваа група граѓани што се најзагрозени од пандемијата.

– Сите установи за заштита на стари лица, во согласност со мерките за превенција од ширење на вирусот ковид-19, ги почитуваат препораките што се однесуваат на заштитата на старите лица, домовите соодветно се дезинфицираат, забранети се посети и внесување храна, персоналот користи заштитна маски и ракавици – истакнуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Од приватните домови за нега на стари лица со кои се консултиравме тврдат дека се преземаат сите мерки за заштита во согласност со владините препораки, но и се прават дополнителни напори за зголемување на безбедноста по здравјето на нивните штитеници.
– Значително го зголемивме бројот на дезинфекциски средства, а дезинфекција на просториите се прави и по двапати во денот. Покрај тоа, храната што ја служиме е со зголемен број витамини, за да го зајакнеме имунолошкиот систем на луѓето – вели Сузана Мајнова, управителка на домот за грижа на стари лица „Лабос“.
Таа додава дека како најефикасна мерка за заштита на здравјето на постарите лица се покажала токму забраната за посети.

– Оваа мерка, колку и да не е популарна, се покажа како најефикасна. Ние дури и порано ги забранивме посетите, а како резултат на тоа дури и немавме случаи на заболување од обичен сезонски грип. Но за да ја надоместиме комуникацијата со најблиските, на своите штитеници им овозможуваме видеоповици – нагласува Мајнова.
Според неа, значително е зголемена и заштитата на вработените.

– Има ротација на вработените, за и тие да бидат заштитени. Покрај тоа, при нивното доаѓање на работа постојано им се мери телесната температура, така што се исклучува можно внесување вируси однадвор. Правиме сè што е во наша моќ да ги заштитиме луѓето што се сместени во нашите домови – истакна Мајнова.