Извршен вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести

70

Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април извршил вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести со цел да се провери почитувањето и примената на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници.

При надзорот во Клиниката е констатирано дека строго се почитуваат ваквите препораки, како и дека постои соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект.

Во извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се посочува дека во Клиниката се хоспитализирани само пациенти со инфекција од Ковид-19 и во моментот на надзорот имало вкупно 77 пациенти, од кои на респиратор биле 11, но и дека има уште слободни респиратори и болнички легла.

„Влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и лична заштитна опрема, која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија и сл.)“, се наведува во инспекцискиот извештај.

За време на вонредниот инспекциски надзор утврдено е дека пред влезот во филтер-зоната кон болничкиот оддел постојано има лице кое проверува како е облечен здравствениот работник пред влез за работа со пациент.

Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер-зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце, согласно протоколот.