Здравствено писменото население е клуч за успешно справување со ковид-19

99
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Болеста предизвикана од коронавирусот се шири низ светот. Повеќето од оние што ќе се заразат ќе се соочат со благи симптоми, но за еден мал процент ковид-19 ќе значи и многу посериозни последици. Одредени групи, како што се постарите лица и лицата со хронични заболувања, се покажаа како поранливи од преостанатата популација. Имајќи го предвид ова, основните цели во борбата против пандемијата се сите заедно да го запреме ширењето на вирусот и да им помогнеме на заразените да закрепнат. Оттука, здравствената писменост е исклучително важна алатка, бидејќи многукратно може да влијае на крајниот исход

Образованието е фундамент и во борбата со коронавирусот

Да се биде здравствено описменет значи да се добијат, разберат и искористат основните здравствени информации, за да се донесат правилни одлуки во однос на сопственото здравје. Според тоа, општество со здравствено писмено население би било она, чии граѓани се свесни за сериозноста на ситуацијата и можат да разберат како да се заштитат себеси и другите по пат на едноставни активности.
Во случајов со ковид-19, тие активности вклучуваат темелно миење на рацете со користење сапун и вода, избегнување близок контакт со болни лица или со лица што се вратиле од патување од земја со висок или среден ризик, користење средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња, покривање на носот и устата при кашлање или кивање, како и следење на мерките што секоја влада ги презема за доброто на своите граѓани. Наедно, главна карактеристика на здравствено писменото општество е постоењето системи и услуги што можат да обезбедат јасна, навремена и соодветна комуникација.

Што значи терминот здравствено писмени граѓани

Во тековнава ситуација, однесувањето на добро информираната индивидуа, во комбинација со здравствените и државните мерки, активности и интервенции, претставува клучен фактор во борбата со пандемијата. Од огромно значење е ставот на здравствените власти, кои треба да обезбедат лесно достапни и лесно разбирливи информации за јавноста. Здравствената писменост на населението е од витално значење во намалување на вирусното ширење и ублажување на влијанието и последиците од ковид-19.
Како што пишува „Нешнал интерест“, европските истражувања покажале дека здравствената писменост е запоставена од страна на јавното здравство. Повеќе од третина од населението се соочуваат со тешкотии во наоѓање, разбирање, проценување и користење информации за контролирање на здравјето. Еден од предизвиците е погрешното информирање.

Наместо реални факти, во информативните канали доминираат лажни вести и страв како последица од неизвесноста.
Очигледно е дека за време на пандемијата не е само вирусот оној што се шири брзо – на Фејсбук, Твитер, Ватсап и на преостанатите социјални медиуми, се шири и огромен бран на лажни и непроверени информации. Поаѓајќи од таквите согледувања, во соработка со стотина експерти за здравствена писменост, за поздравување е потегот на „Нешнал интерест“, кој подготвил интересен прирачник базиран на досегашни научни истражувања и практики во оваа област. Прирачникот е наменет за образовниот, здравствениот и социјалниот аудиториум. Целта на овој интересен прирачник е читателите да се информираат околу програмите за промоција на здравјето и превенцијата кај учениците, пациентите и старите лица. Но, исто така, и да се информира во врска со политиките на заедницата, чија цел е да ја подобрат здравствената писменост на населението. Делови од него како пораки, пренесуваме во продолжение.

Пораките и информациите да бидат едноставни и лесно разбирливи

Информациите за здравствено описменување мора да бидат лесно разбирливи и соодветни за нивото на образование на оние за кои се наменети. На пример, луѓето со оштетен вид или слух, како и оние со тешкотии во читањето ќе имаат потреба од поинаков формат и повеќе појаснувања. Еден од начините да се постигне тоа се анимациите, кои помагаат во запознавањето со вирусот, болеста, начините за пренесување и заштитните мерки. Организациите како ОН и УНИЦЕФ на родителите им нудат совети за тоа како да разговараат со своите деца во врска со вирусот. И стриповите и цртежите се од голема помош во борбата за подобро здравје.
Иако навистина нашите здравствени власти, на чело со ресорниот министер, прават работа за пофалба во контекст на здравственото описменување за ковид-19, сепак, не пречи да се издвојат неколку работи како пораки.

– Ситуацијата треба да се објаснува транспарентно и да се појаснуваат најважните цели, подготвувајќи ги луѓето за промена/надградба на интервенциите и работењата врз база на нови докази, како и за адаптација кон идните сценарија.
– Потребна е способност за постојано известување за новите состојби и факти. Еден човек, колку и да е способен, компетентен и во кондиција, по извесно време ќе се исцрпи. Не треба да се има страв да се коригираат претходните изјави и пораки во случај да дојдат нови информации, особено ако тие се контрадикторни со последните искажани.
– Во јавноста да се избегнуваат меѓусебни обвинувања. Наместо тоа, да има соработка, овој пат сите се засегнати страни, поединци, групи, политички партии, власт, опозиција, институции, граѓански сектор…

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните да се водат од вести засновани врз факти и докази

Во врска со напливот од информации во јавноста, неизбежна е потребата за подготовка на луѓето за лавината од дезинформации и лажни вести. Здравствената писменост треба да се води од основните принципи, кои овозможуваат луѓето да ги добијат вистинските информации и да научат како да ги разликуваат нив од оние лажните. Медиумите сега имаат посебно важна, ако не и повторно историска улога. Во таквиот контекст една порака до сите медиуми и медиумски работници.
– Да им помогнеме на луѓето да ги проверат точноста и веродостојноста на информациите добиени од телевизија, радио, печатените медиуми, интернет и социјални медиуми, вклучувајќи ја и веродостојноста на агресивните реклами за производи.
– Да им се овозможи на граѓаните да поставуваат прашања до надлежните, како и до професионалните здравствени работници во врска со сомнителните вести, дезинформациите и штетните содржини и пораки.
– Да направиме сѐ граѓаните да се водат од вести засновани врз докази. Како што нагласи Глобалната работна група за здравствена писменост на Меѓународната унија за здравствено унапредување и образование: „Пропагирањето квалитетни, навремени и разбирливи информации е најважно за трансмисијата и избегнувањето преоптоварен здравствен систем.“

– Граѓаните да се поттикнуваат да го проверат изворот на добиената информација (од каде потекнува, кој стои зад неа, со каква намера е објавена, зошто е споделена и кога била објавена).
– Читателите да се охрабрат да побараат и втор извор што ја потврдува информацијата, проверувајќи ја на тој начин со помош на семејството, пријателите, колегите и компетентните здравствени работници.
– Да се работи на тоа пошироката популација да размисли сериозно пред да сподели некаква информација, да не споделува непроверени вести и да не посетува веб-страници, кои и досега имале практика често да објавуваат неверодостојни информации.
Ваквите пораки, кои се познати во светот на новинарството како професионални принципи, а кои сега се приспособени во контекст на здравствената писменост за ковид-19 во прирачникот на „Нешнал интерест“, можат во голема мера да придонесат во формирањето здравствено описменување на граѓаните во врска со коронавирусот, а на тој начин и ефикасно да помогнат во борбата за запирање на болеста.