Еден новозаразен од Прилеп, тројца од долненското Десово

1253

Во изминатите 24 часа Центарот за јавно здравје од Прилеп, како што информираше градоначалникот Илија Јованоски, регистрирал четири новозаразени лица од ковид-19, од кои едно е од Прилеп, а три се од долненското село Десово. Денеска нема оздравени лица од ковид-19.

Вкупната бројка на заразени во прилепскиот регион е 217 пациенти, од кои 170 оздравеле, а 15 се починати.

Засега 32 се активни случаи, од кои 20 од нив се на домашно лекување, а 12 се хоспитализирани во болници. На инфективното одделение во болницата „Борка Талески“ се лечат 4 пациенти. Од извршениот скрининг во градинките е констатирано дека 192 лица се негативни на коронавирусот.

Центарот за јавно здравје – Прилеп досега зел 1.322 примероци за тестирање и дополнително 140 се земени во инфективното одделение. Во самоизолација има 42 лица, а заради неносење на заштитни маски вчера се поднесени три прекршочни пријави.

Градоначалникот Јованоски информираше дека во сабота градскиот пазар ќе работи од 7 до 14 часот со спазување на сите мерки и протоколи за заштита од коронавирусот. На петте влеза од пазарот ќе има редарска служба, а на секој посетител доколку не носи маска ќе му се подели при влегувањето.

Исто така, градоначалникот Јованоски рече дека ќе се преземаат мерки за во целост да биде испочитувана одлуката на Владата за забрана за посета на гробиштата за празникот, притоа апелирајќи граѓаните да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита од вирусот, бидејќи тоа е механизмот за заштита на поединците и општеството.

Ка.М.