Д-р Никола Пановски

Новите мерки предизвикуваат и збунетост и нелогичности, смета д-р Пановски

Новите превентивни мерки поврзани со вакцинацијата во јавниот сектор предложени од Комисијата за заразни болести предизвикаа поделени мислења во јавноста. Доктор Никола Пановски смета дека треба да се донесе закон во случај вакцинацијата да стане задолжителна, изнесувајќи ги неговите ставови за предложените мерки во изјава за „Нова Македонија.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека до Владата ќе предложи сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини. Комисијата предлага и вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници.

– Новите мерки се сомнителни и правно неиздржани. Иако не сум правник, фер е да се донесе закон и вакцината да биде задолжителна, и во законот да е наведено што ќе се случи доколку работниците не се вакцинираат. Дел од вработените во институциите ќе бидат присилени да се вакцинираат, меѓутоа оние кои што нема да се вакцинираат и нема да бидат примени на работа, не знам по кој закон нема да добијат плата. Ако работодавците настојуваат да не им даваат плата на овие граѓани, тие можат да ги даваат на суд, а каматите ќе бидат платени со буџетот од џебот на граѓаните – вели д-р Никола Пановски, микробиолог и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

Пановски посочува дека треба да биде донесен закон доколку вакцинацијата е задолжителна.

– Ако вакцинирањето против ковид-19 е доброволно, тогаш нека биде доброволно, ако вакцинирањето е задолжително, во тој случај треба да се донесе закон – смета Пановски, кој додава дека новите мерки предизвикуваат и збунетост и нелогичности, според кои делењето на јавни и приватни работници нема никаква логика.

Во конкретниот случај, Пановски се прашува и колку ќе траат мерките и што ќе се случува со работниците кои нема да бидат во можност да одат на работа.

– Новите мерки нема да го спречат ширењето на коронавирусот, бидејќи и оние кои што се вакцинирани го шират, но кога ќе има поголем процент на вакцинирани, ќе има помал процент на тешки случаи предизвикани од болеста. Затоа, во иднина се очекуваат уште протести, уште судски постапки поради пандемијата. Не е ниту наведено колку долго ќе траат ваквите мерки и што ќе биде со оние работници кои нема да одат на работа, а сакаат да работат – заклучува Пановски, кој смета и дека евентуалните казни би биле нелогични.