Дука: Масовните тестирања овозможуваат враќање во нормала

66

Со одговорно управување, со строго следење на препораките и ограничувањата и со помош на медицинските сестри и лекари, невладини организации и многу други лица кои се ангажирани за обезбедување и снабдување со храна, лекови и други потребни производи, ја добивме битката со коронавирусот, изјави градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука. Тој нагласи дека од 13 април во Дебар нема ниту еден позитивен случај на коронавирус.

– Дисциплината, одговорноста и истрајноста се причините на нашиот успех во борбата против короната, но исто така и особено масовното и стратешкото тестирање. Како што рече вчера Али Ахмети, ние сме во војна со невидлив непријател. Дозволете ми да додадам дека тестирањето е единствениот начин да се претвори овој непријател во видлив и успешно да се бориме против него. Да, успешно го истеравме вирусот од Дебар и од целата земја и се чини дека го надминавме пикот. Сега е време да најдеме начин да се вратиме во нормалност. Сега сите зборуваат за укинување на ограничувањата, за повторното започнување на економијата и нашите социјални животи.

Кафулињата, баровите, рестораните и трговските центри ќе бидат повторно отворени наскоро, чекор по чекор се враќаме на нашата социјална рутина. Сето ова е важно и неопходно и јас како и секој граѓанин во оваа земја сум многу среќен за тоа. Но, исто така, не е време за еуфорија, не е време за брзање. Кризата и опасноста сè уште не се завршени. Треба да бидеме внимателни и одговорни, мора да ги следиме хигиенските препораки, треба да го задржиме социјалното дистанцирање до разумно ниво и ќе мора да измислиме нови, помеки мерки за замена на силните ограничувањата.

Треба да се зголеми бројот на тестови уште повеќе, и тоа веднаш. Бројот на тестови е најефикасниот начин за изолирање на пациентите и спречување на проширувањето. Исто така, треба да имаме сериозна стратегија за тестирање, по успешните модели од европските земји. Тоа значи дека не треба да ги тестираме само граѓаните со симптоми и лицата кои биле во контакт со заразените лица за да ги изолираме навреме и така да ги заштитиме останатите.

Целното тестирање, како што соопшти Министерството за здравство, е прв важен чекор. Но, исто така, треба редовно да тестираме репрезентативен примерок од населението, за да добиеме јасна слика за развојот на состојбата. И ни требаат периодични примероци од фабриките и другите места, каде што многу луѓе работат заедно – смета Дука.