ДСЗИ со инспекциски надзор за починатиот пациент од Велес

69

Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во однос на причината за велешкиот пациент кој почина пред неколку дена, а неговиот позитивен резултат на коронавирус беше докажан по неговата смрт.

Според информациите добиени од Општата болница во Велес, Министерството за здравство инфомира дека во вторникот, 31 март, околу 16 часот од страна на дежурниот лекар на инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Велес бил прегледан пациент на 78-годишна возраст, донесен како итен случај со возило на Итната медицинска помош, бидејќи имал претходно закажан термин од матичен лекар во 19:20 часот.

Пациентот бил болен 4/5 дена пред прегледот со покачена телесна температура и кашлица со искашлување на секрет, лекуван од матичен лекар со антибиотик – парацетамол и витамини.

– Роднините негирале епидемиолошка поврзаност со контакти сомнителни или заболени од коронавирусна инфекција. На денот на прегледот фамилијата забележала кај пациентот розеникав по боја искашлок и побарале да му биде земен брис од страна на епидемиолошката служба и да биде прегледан неколку часови порано од веќе закажаниот термин. Во моментот на преглед, пациентот бил без температура, во стабилна општа состојба со бронхитичен наод на бели дробови, поради што му е ординирана антибиотска терапија, бронходилататорна, експекторанс, витамини и даден совет за домашна изолација, како и контрола на резултатот од земениот брис. Се било уредно евидентирано – со документација, а проценка на докторот е според симптоматологијата како да постапи. Земена е епидемиолошка анамнеза и од неговата ќерка – информира МЗ.