Досега се направени 4.117 тестови за коронавирус

274

Досега во земјава се направени вкупно 4.117 тестови за коронавирус, што е најголем број тестови на еден милион жители од сите земји во регионот, рече министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

– Само Словенија има повеќе од нас. Значи над 2.000 тестови на милион жители што се смета за огромна бројка. Од вкупниот број земји во светот, ние сме меѓу првите 30-40 што сметам дека е одличен резултат и сакам да потенцирам дека не станува збор само за бројка на тестови, туку целокупен пристап кон идентификување на пациентите, нивните контакти, кластерите на заболени – истакна Филипче.

Тој објасни дека се тестираат пациенти позитивни со симптоми, се идентификуваат нивните примарни контакти и на нив им се препорачува самоизолација. Со тестирањето институциите имаат целосна контрола и увид во третманот односно состојбата на пациентите, дополни министерот Филипче.

Како што рече, позитивен пациент се смета оној кај кој ќе се утврди присуство на вирусот по направен тест, а не и тестовите за антитела.

– Тестовите на антитела само поставуваат сомнеж дека некој е носител на вирус и затоа кај сите коишто ги прават тие тестови, мора задолжително да се направи тестот за присуство на вирусот – рече тој.

На земјава и е одобрен е пристап до Европскиот солидаран фонд, што значи дека ќе учествува во заедничките постапки за набавка на материјали и потреби за здравствените институтции. Ова, според министерот за здравство, е голема придобивка за земјава.