Довербата во јавно-здравствениот систем клучна за справување со секаква закана

247
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот јавно-здравствен систем, без оглед што влече некакви позитивни рецидиви од поранешниот југословенски систем, нема доволен капацитет за справување со поголем наплив на пациенти, па поради тие причини беше одбрана стратегија за крајно рестриктивни мерки, за да се избегне голем врв на заразата и да се развлече таканаречената крива на заразени

Во време кога светот се справува со кризата предизвикана од ковид-19, постарите генерации се сеќаваат на искуствата од 70-тите години на минатиот век, кога поранешна Југославија пред 50 години ја совлада последната европска зараза со големи сипаници.
Југословенските здравствени власти тогаш само за неколку недели успеале да вакцинираат 18 милиони луѓе, а бројот на починати бил задржан под 40 лица.
Прашањето што се поставува сега е како еден тогашен здравствен систем, во чиј состав бил и македонскиот јавно-здравствен систем, успеал да се справи ефикасно со голема здравствена закана, а денес секоја земја од поранешна Југославија плати многу поголема цена во жртви од пандемијата.

Кај многумина таквата ефикасност ја поттикна носталгијата по социјалистичките времиња, особено што времето на коронавирусот се совпадна со 40-годишнината од смртта на Јосип Броз-Тито.
Тие се потсетуваат на добро организиран и бесплатен здравствен систем, кој во многу работи ги надминува денешните системи на јавното здравство што ги има во поранешните југословенски држави, вклучувајќи и во Македонија, и кои наместо да се развиваат, станаа полиња за корупција, нестручност и неефикасност.
Македонското јавно здравство од осамостојувањето постојано е во некаква транзиција, некакви реформи, кои не даваат резултати, а сето тоа предизвика масовен одлив на лекарите и медицинскиот персонал во странство.

– Порано сите ги ценеа докторите, бидејќи имавме многу стручни лица. Никој не се сомневаше во нивната способност. Сега кај нас да ти е страв да отидеш во болница, само грешки се случуваат, а луѓе умираат од банални работи – вели Јордан Здравковски, пензионер.
Тој додава дека порано немало многу вакцини како денес, но оние што биле предвидени со програмата редовно се примале и немало никакво противење.
– Едноставно сите им верувавме на докторите. Кога беше наредена вакцинација против големите сипаници, сите се вакцинираа, немаше „не“ – истакнува Здравковски.
Разликата меѓу големата сипаница и коронавирусот денес е во тоа што за сипаницата веќе имало развиена вакцина, така што со масовна вакцинација и ставањето во карантин на заразените вирусот се ставил под контрола.

Проблем со ковид-19 е што не постои вакцина, докторите се соочуваат со многу непознаници за однесувањето на овој вирус, а отвореноста на државите овозможи тој многу брзо да се прошири. Згора на тоа, непредвидливоста на вирусот веројатно е главната причина за големата смртност и во земјава, но и во регионот и светот. Симптомите на големите сипаници беа познати, иако и тогаш не беа препознаени во прв момент.
Македонскиот јавно-здравствен систем, без оглед што влече некакви рецидиви од поранешниот југословенски систем, нема доволен капацитет за справување со поголем наплив на пациенти, па поради тие причини беше одбрана стратегија за крајно рестриктивни мерки, за да се избегне голем врв на заразата и да се развлече таканаречената крива на заразени.

Токму ваквата стратегија се примени и во поранешна Југославија при справувањето со големите сипаници, карантини, контрола на заболените преку максимално ангажирање на полицијата и војската, а потоа и масовна вакцинација.
Според инфектологот Вело Марковски, балканските и источноевропските држави уште од порано имаат развиена инфектологија, а токму тоа било и главната причина поради која подобро се справуваат со коронавирусот за разлика од богатите западни држави.
– Нашите доктори од регионов ги селектираат болестите. Селектирањето на болестите е многу важно, кој е заболен од ковид, кој е од грип, кој е од атипичен причинител итн. Ние имаме некој здравствен систем што е одличен за пациентите, но најлош за медицинските работници и докторите. Најмалку платени, најмалку привилегии, а голема одговорност – вели Марковски.

Тој додава дека македонскиот јавно-здравствен систем би можел да се подобрува доколку државата направи напори да ги задржи младите доктори во земјава.
– Имаме недостиг од стручен кадар. Долго во нашите клиники имаше недостиг од нови вработувања, немаше специјализации, така што имаме голем проблем. Не може докторите да се водат како администрација, имаме голем број приватни специјализанти што не ги стимулираме, а од западните земји ни ги земаат. Ние треба да ги задржиме младите доктори, клиниките да ги исполниме со кадри. Една ваква ситуација треба да ни е опомена дека имаме недостиг од здравствени работници – посочува Марковски.