Димитриевски: Хајката против мене е неразбирлива

914

Избрзана и несреќна е изјавата од портпаролот на СДСМ, смета кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски откако Костадинов јавно се огради од неговите изјави и однесување.

Димитриевски обзнани дека според вториот тест од Институтот за јавно здравје, тој е негативен на коронавирусот. Тој и натаму тврди дека постапката ќе покаже дека тој не сторил кривично дело.

– Покрај политичка, носиме и институционално-општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои нè избираат по предлог на партиите. Дебатата ќе ја водиме внатре во партијата. Сега е време за дејствување против епидемијата и помош на граѓаните. Постапката ќе покаже дека нема основ за кривично дело и дополнително ќе ги потврди сомнежите. Институционалната хајка која се води против мене и членовите на штабот изминатите денови за мене до овој момент е неразбирлива – вели Димитриевски.

Градоначалникот на Куманово вели дека не сака ни да помисли дека некој си поигрува со здравјето на неговите сограѓани и води политика со црни сценарија за елиминација на неистомисленици.

– Уште еднаш ја повикувам директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и министерот за здравство да го достави извештајот на увид на мене, штабот и јавноста, сепак тоа не е таен документ. Сакам да ја информирам јавноста дека штотуку го добив резултатот за вториот контролен тест, кој е негативен, направен во Институтот за јавно здравје. Од утре продолжувам посветено со моите работни обврски – пишува Димитриевски.