Дехари: Сите треба да бидеме одговорни за да се спречи ширење на коронавирусот

126
Фото: Зоран Антоски

По претходната недела, кога за краток период беа регистрирани 20 новозаразени од ковид-19, неделава  втор ден по ред во Кичево нема нови случаи заразени од ковид-19, и овој град, сега за сега, застана на бројката од 30  заразени од вирусот, од кои 25 се активни, четири лица се излекувани, додека едно лице почина.

Од Кризниот штаб очекуваат овој тренд да продолжи и наредните денови и на терен будно се следи состојбата со што не би дошло до нови случаи.

– Нашиот град втор ден по ред нема регистрирано новозаболени од коронавирусот и засега во Кичево акуелни се 25 активни случаи, четири лица се излекувани, додека едно лице ѝ подлегна на инфекцијата. Со исклучок на една постара особа, останатите лица се со лесна клиничка слика и се очекува деновиве бројот на излекувани пациенти од нашиот град  да се зголеми. Секој од нас треба да даде придонес, за да не дојде до проширување на вирусот. Сите ние треба да бидеме одговорни и да придонесеме состојбите да бидат и уште подобри – истакна градоначалникот и претседател на Општинскиот Кризен штаб, Фатмир Дехари.