Денеска стигнаа и преостанатите осум респираторни машини

95

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на национален координатор за странска помош во земјава, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, а во присуство и на евроамбасадорот Самуел Жбогар, на платото пред просториите на Секретаријатот за европски прашања ја претставија пристигнатата помош од Европската Унија како поддршка за земјава при справувањето со ковид-19.

Министерот Филипче се заблагодари на Европската Унија за оваа значајна помош.

– Тие беа едни од првите коишто ја понудија помошта и навистина пристигна. Тоа е уште еден доказ дека Европската Унија е нашиот најголем партнер и дека почетокот на пристапните преговори практично значи дека веќе на некој начин нè сметаат за дел од големото семејство коешто меѓу другото значи и помош тогаш кога е најмногу потребна. Овие 20 респираторни машини (сега 8, претходно 12), кои се веќе дистрибуирани во повеќе јавни здравствени установи и веќе се користат за третман на пациентите, а таму каде нема пациенти болни од коронавирус, се користат и за друга индикација. Тоа е сериозен чекор напред кон зајакнување на нашиот здравствен систем, посебно таму каде што е најмногу потребна, а тоа се одделенијата за интензивна нега – потенцираше министерот Филипче и додаде дека продолжуваме со соработката и понатаму.

– Во следниот проект којшто го отвори и понуди за нас Европската Унија ќе ги опремиме и ќе ги зајакнеме сите одделенија за интензивна нега ширум државата, тука на клиниките, двете болници во Скопје, клиничките болници и општите болници ширум државата. Уште еднаш благодарам на Европската Унија, благодарам на сите амбасади од земјите членки на ЕУ, заради тоа што своја помош понудија и дадоа и Бугарија, Чешка, Франција, Германија, и на сите други институции и компании кои овој изминат период ја понудија помошта на Министерството за здравство – рече Филипче.

Освен респираторите, во рамките на помошта од ЕУ се обезбедени и по 10 перфузори и редуктори за кислород, но и огромна количина на заштитна опрема: преку 750 илјади хируршки ракавици, десетици илјади заштитни скафандери, заштитни наметки, заштитни очила, заштитни маски, каљачи итн. – опрема која веќе се користи од страна на здравствените работници на Инфективната клиника и останатите здравствени установи.