Демографски показател што не им е пријател на Македонците

269
Фото: Игор Бансколиев

Морталитетот е негативниот чинител на порастот на популацијата во државава, за кој експертите велат дека најчесто е резултат на некаков неповолен амбиент и на исти такви животни услови. Статистичките податоци по кои Македонија „здраво“ навлезе во негативен природен прираст се само продолжение на трендот изминативе години

Негативниот природен прираст на населението е закана од епидемиски размери

Македонија и годинава продолжува да тоне во индикаторите за демографскиот показател на населението, кој го калкулира бројот на смртните случаи наспроти вкупниот број на популацијата во земјава. Имено, македонското население е во тренд бројчено да се намалува во речиси сите општини во државата. Морталитетот е негативниот чинител на порастот на популацијата во државава, за кој експертите велат дека најчесто е резултат на некаков неповолен амбиент и за исти такви животни услови. Но две етнички малцинства во државава, а тоа се Албанците и Ромите, за разлика од македонската мнозинска популација, бележат пораст на демографскиот показател што го означува вкупниот број родени деца, односно имаат пораст на наталитетот.

Последните статистички податоци за 2020 година, кои ги објави Државниот завод за статистика за движењето на наталитетот во првото тримесечје, покажуваат дека на ниво на државата има 910 лица помалку родени од починати, што е пад за речиси 17 отсто на новородени лица. Во првите три месеци се родиле 4.191 лице, а починале 5.101 лице. Иако споредбените статистички податоци со првото тримесечје од 2019 година покажуваат генерално намалување на процентот и на новородени и на починати, сепак останува генералниот тренд на негативен природен прираст на населението.
Овие статистички податоци се само продолжение на трендот изминативе години, по кој Македонија лани влезе во негативен природен прираст. Демографите предупредуваа дека тој тренд ќе продолжи и следните години. Покрај ова, на демографската слика на Македонија ѝ се заканува уште едно полошо сценарио, за кое предупредуваат експертите. Тоа е состојбата со коронавирусот.

Процените се дека оваа криза дополнително ќе го намали наталитетот на населението и прогнозите се дека во следните тромесечја треба да се очекува нов пад на наталитетот.
Демографот Дончо Герасимовски вели дека последните податоци за првото тримесечје од годинава се уште поголем доказ дека државата влегува во негативен природен прираст на населението. Иако, според него, нашата земја е последна на Балканот, која и официјално влегува во негативен природен прираст, сепак, податоците се загрижувачки, особено што не се преземаат никакви конкретни мерки, ниту, пак, се зборува на оваа тема.

– Во 62 општини во земјава имаме негативен природен прираст. Во источниот регион во сите 11 општини има повеќе починати од живородени деца. Сево ова ја потврдува констатацијата дека и до крајот на годината сѐ повеќе ќе се намалува наталитетот. За тоа веројатно уште повеќе ќе придонесе и епидемијата на ковид-19, со што се очекува да се зголеми морталитетот – посочува Герасимовски.
Според демографот, неопходно е да се спроведе попис на населението и да се искристализираат позициите на популацијата во земјава.
Ако се погледнат статистичките податоци по општини, ќе се види дека речиси сите општини и градови, во кои доминантно е македонското население, има драстичен пад на наталитетот и речиси сите се во негативен природен прираст. Од друга страна, пак, речиси сите населени места во кои мнозинско население се албанското или ромското има позитивен природен прираст.

Тоа укажува на тренд, според кој, во иднина е можна драстична промена на демографската структура на населението во државата. Ако продолжи ваквиот тренд, македонското етничко население ќе продолжи да опаѓа, а за сметка на тоа ќе расте бројот на етнички Албанци и Роми.
Единствени општини со доминантно македонско население во кои има повеќе родени од починати се скопската општина Аеродром со 13 повеќе новородени од починати, како и општините Центар со 18, Радовиш со три и Чучер Сандево со 16 повеќе новородени од починати лица во првите три месеци од годинава.

Најдрастичен пад на наталитетот во македонските општини бележат општините Карпош, Кисела Вода, Битола, каде што има дури 168 повеќе починати лица од новородени, како и Велес, Виница, Гевгелија, Делчево, каде што во проценти морталитет е над 60 отсто. На пример, во Делчево во првите три месеци од 2020 година се родиле само 17 деца, а починале 50 луѓе, што е пад на населението за 33 лица во три месеци. Слична е состојбата со Кочани, Кратово, Крива Паланка, Пехчево, Штип. Во Охрид, на пример, за три месеци во 2020 година се родиле 100 деца, а почина 162 луѓе, што е пад за 38 отсто на населението.

За разлика од овие, општини што бележат пораст на населението се Тетово, каде што населението е во плус за 62 лица, и околу 26 отсто пораст, потоа Студеничани со пораст од околу 67 отсто, како и Липково, Долнени, Желино, Дебар, Врапчиште, Боговиње, Шуто Оризари, Чаир и Сарај.
Социолозите, пак, сметаат дека треба да се преземат мерки за стимулација на наталитетот, преку разни бенефиции за жената, за да има таа можности и услови за репродукција, наспроти мерките за стимулирање трето и четврто дете, кои не дале плод.


Природно движење на населението во Република Македонија

прво тримесечје од 2020 година

– живородени деца 4.191

– умрени лица 5.101

прво тримесечје од 2019 година

– живородени деца 4.555

– умрени лица 5.631


Општини со пораст на наталитетот

– Тетово
– Студеничани
– Липково
– Долнени
– Желино
– Дебар
– Боговиње
– Шуто Оризари
– Арачиново
– Сарај
– Чаир

Извор: Државен завод
за статистика на Република Северна Македонија


Општини со пад на наталитетот

– Карпош
– Кисела Вода
– Берово
– Битола
– Велес
– Виница
– Делчево
– Кочани
– Кратово
– Крива Паланка
– Кривогаштани
– Крушево

[email protected]