Дезинфекција на влезовите во зградите во Прилеп

28

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, кој беше на терен заедно со заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, посочи дека Општинскиот кризен штаб е во перманентно заседавање и секојдневно носи нови мерки за заштита на здравјето на граѓаните на општина Прилеп. 

– Ги дезинфициравме сите основни и средни училишта, детските градинки,
Домот за стари лица, укинат е јавниот градски превоз, континуирано се врши
дезинфекција на улиците во градот и населените места, плоштадите и
тротоарите. Од денеска почнавме со дезинфекција на влезовите во зградите, на
сите јавни површини во градот, а затворен е и градскиот пазар. Како
градоначалник, сакам уште еднаш да апелирам до нашите сограѓани, да не се
вознемируваат и да го почитуваат полицискиот час кој во овие неколку денови
добро функционира во нашата општина – истакна градоначалникот Јованоски.

Заменик-министерот за ЛС Павлески посочува дека Владата презема
низа мерки и постојано испраќа препораки до граѓаните да се придржуваат до нив.

– Општина Прилеп е доста спремна и досега успешно се справува со овие
предизвици. Во овие моменти, исклучително важна е соработката помеѓу сите
институции, помеѓу Владата и локалната самоуправа, при што се покажа дека
улогата на локалната самоуправа е од исклучително значење. Генерално,
општините вршат дезинфекција на јавните површини и на јавните установи. Во
координација со Црвениот крст им се помага на старите лица и на оние на кои
помошта во овие моменти им е најнеопходна – посочува Павлески.

Инаку, во самоизолација се наоѓаат 183 граѓани од општина Прилеп, а
против едно лице кое ја прекршило оваа мерка, денеска е поднесена кривична
пријава.

Ка.М.