Два нови случаи на заболени од коронавирус во Прилеп

3169

Два нови регистрирани случаи на заболени од коронавирус има во Прилеп, според информациите од Министерството за здравство. Вкупната бројка на заболени во Прилеп сега изнесува осум.

Општинскиот штаб за управување со кризи на Прилеп донесе одлука сите оперативни планови на локалните и државните институции на територијата на општина Прилеп, да бидат преточени во соодветни процедури за работа во услови на евентуална прогресија на ковид-19.

Се интензивираат локалните мерки и активности за справување со ковид-19, преку засилена дезинфекција на главните и периферните улици низ градот и во населените места.

Се апелира, сопствениците на маркети и пиљари да ги применуваат и засилат редарските служби, со цел да се избегнат гужви пред и во самите објекти.

Со одлука на Министерството за здравство од понеделник 30 март нема да работат матичните стоматолози. Итни случаи ќе се упатуваат во службата за Итна стоматолошка помош, која се наоѓа во објектот на Итната медицинска помош.

– Општинскиот штаб за управување со кризи внимателно ја следи состојбата со коронавирусот на централно и локално ниво и во таа насока ги презема сите неопходни мерки за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните на општината. При тоа апелираме до претставниците на верските заедници на територијата на општина Прилеп, да се придржуваат до одлуките на Владата и препораките на Министерството за здравство, со цел намалување на ризиците за прогресија и ширење на коронавирусот – велат од општина Прилеп.

Ка.М.