Градоначалничката Петровска повика на одговорно однесување на битолчани

154

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, попладнево одржа состанок со дел од штабот за заштита и спасување, на кој се разговараше за моменталната состојба со вирусот ковид-19.

Имајќи го предвид зголемувањето на бројот на новозаболени на ниво на државата, а со тоа и во Битола, од исклучителна важност е одговорното однесување на секој поединец. Носењето на заштитна маска, физичката и социјалната дистанца и зголемената лична хигиена, се единствените мерки кои можат да придонесат за заштита на населението и спречување на зголемување на бројот на новозаразени со коронавирусот.

Во овие моменти, кога дополнително се појавуваат и настинки и сезонски грип, почитувањето на заштитните мерки е лична заштита на секој поединец, но и заштита на неговото семејство, неговите роднини, пријатели, колеги, соработници и целото општество. Повеќе од важно е, секој од нас, да се однесува свесно и совесно, зошто на тој начин ќе дадеме поддршка на здравствениот систем, но и ќе спречиме појава на сериозни, несакани и тешки последици. Секое групирање во јавните објекти, непочитувањето на мерките за лична заштита и однесувањето, како да не постои сериозна закана за човештвото во светски размери, претставува лична неодговорност, со сериозни реперкусии.

Одговорното однесување ќе помогне полесно да ја надминеме сериозната закана од ковид-19, со цел здрави и со своите блиски, во иднина да се радуваме на заеднички средби и прослави. Затоа, повеќе од потребна ни е одговорност кон себе и другите. Носете заштитна маска, не излегувајте непотребно, не се групирајте, одржувајте лична хигиена, апелираат од кризниот штаб. Штабот за заштита и спасување во Општина Битола продолжува со спроведување на сите потребни координативни мерки за заштита на населението и поддршка на здравствените работници во нивната одговорна и тешка работа во ова време на пандемија. Но, заштитните мерки и почитувањето на препораките остануваат најважни во заедничкото дејствување против ковид-19.

М.М.