Скринингот за состојбата со ковид-19 што го најавија здравствените власти започнува денеска, а први на листата се вработените во градинките, бидејќи тие веднаш по олабавување или укинување на мерките за заштита од пандемијата, ќе мораат да ги прифаќаат децата чии родители ќе треба да се вратат на работа

Прецизни протоколи, скрининг на вработените и согласност од родителите се трите клучни моменти врз основа на кои ќе се одвива постапката за отворање на градинките. Дали тоа ќе овозможи сигурност на децата и заштита на нивното и на здравјето на вработените се прашањата за кои здравствените власти сѐ уште прават анализи, по што ќе биде појасно кога децата ќе можат да се вратат во градинките. Во меѓувреме, од денеска почнува првиот процес, а тоа е скрининг и тестирање на вработените.
Вработените во градинките вчера очекуваа од здравствените власти да им стигнат протоколите на кој начин ќе се извршува тестирањето преку Центарот за јавно здравје. Веќе стапиле во контакт со родителите и посочуваат дека во некои општини е голем интересот за згрижување на децата.
Од Министерството за здравство, пак, очекуваат дека до крајот на месецот градинките можат да почнат со работа.

– Скринингот започнува во текот на утрешниот ден со вработените во градинките. Ги идентификувавме луѓето што се вработени, ќе почнеме да работиме преку центрите за јавно здравје. Паралелно со тоа ги подготвуваме и протоколите и критериумите по кои ќе работат градинките, така што во еден момент по одреден период кога ќе заврши скринингот ќе бидеме подготвени да ги вратиме и градинките во функција – посочија од ресорното министерство.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека 2.000 вработени во градинките ќе подлежат на скрининг за ковид-19.
– Очекуваме за период од една недела тој процес да се заврши. Потоа ќе треба да се усогласат критериумите и мерките, по што градинките би се вратиле во функција – истакна Филипче.

Елена Устаметова, директорката на градинката „Бубамара“ во скопската Општина Аеродром, вели дека досега ги извршиле сите подготовки и насоки што ги добиле од Министерството за труд и социјална политика, направиле анкета со сите родители на кои најитно им е потребно згрижување на нивните деца и од денеска очекуваат да бидат известени за тоа како ќе се одвива скринингот на вработените за ковид-19.
– Имаме 170 вработени во шест објекти и еден центар за ран детски развој во состав на градинката. Згрижуваме 1.400 деца. Минатата недела исконтактиравме со родителите и од нивните најави се очекува една четвртина од децата веднаш да бидат згрижени. Најголем дел од родителите најавија дека по олабавување или укинување на мерките, ќе мораат веднаш да ги донесат во градинка. Во лето и така работиме со намален број згрижени деца – посочува Устаметова.
Според неа, тестирањето на вработените може да почне веднаш и во очекување се на точните протоколи.

[email protected]