Вработените во фирми со субвенции место до септември, не смеат да се избркаат до јули

217

Фирмите кои користат субвенција од Владата нема да смеат да отпуштаат работници до јули, а не до септември како што првично стоеше во уредбата за поддршка на работодавачите од приватниот сектор.

Денеска на седница беше донесена измена на уредбата, според која е скратен условот за бројот на вработените во компаниите кои користат финансиска помош, и нивниот број ќе се задржи два месеца по користењето на мерката, односно до јули 2020 година.

Претходно, важеше условот работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка, бројот на вработени што го имале во моментот на аплицирање да го задржат заклучно со месец септември 2020 година.

Со овие измени, како што информираа од владината прес-служба, се трга и условот управители и сопственици на бизнисите вработени во истите да не може да ја користат мерката (а во насока на заштита на микро и малите фирми).

– На оваа мерка компаниите не може да аплицираат единствено за свои вработени за кои се ослободени од плаќање придонеси и персонален данок преку проектите „Македонија вработува” или доколку се одлучат да ја искористат мерката за субвенционирање на 50% од придонесите во вонредна состојба, која е дел од првиот сет на мерки за справување со кризата – информираат од Владата.