Во 16 часот стартуваат дополнителните мерки за за ограничување на движењето на граѓаните

93
Фото: Игор Бансколиев

Од денеска стапува на сила забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16.00 часот до 05.00 часот наредниот ден. За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16.00 часот до 05.00 часот во понеделник на целата територија на државата.

Дополнително, за лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10.00 до 12.00 часот. За младите лица до 18 години забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13.00 до 15.00 часот.

Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години. За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Владата го задолжи Министерството за здравство веднаш да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на Република Северна Македонија.

Исто така, Владата ги задолжи Општинските кризни штабови да определат економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку он-лајн порачки, непречено да ја извршуваат својата работа за време, во деновите сабота и недела.

За оваа цел, се задолжуваат Општинските кризни штабови, во соработка со МВР да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.

Производствените погони, фабрики и транспортот ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час. За оваа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Станува збор за истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата.

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на МВР или надлежното ОВР.