Волонтерите од ВМЦ и студентите се вклучија во работата на ковид-центрите

42

Лекарите и медицинските сестри од Воениот-медицински центар (ВМЦ) и студентите кои се на шеста година студии на Медицинскиот факултет во Скопје од денес почнаа да волонтираат во ковид центрите во Скопје.

Првата група на лекари и медицински сестри веќе е вклучена во сменската работа и во дежурствата.

Утрово министерот, Венко Филипче, на состанокот на интерните клиники со преставниците од ВМЦ и студентите ја поздрави нивната одлука и желбата да помогнат во работата на ковид центрите.

– Помошта која ни ја пружате за нас е многу значајна во период кога имаме голем број хоспитализирани пациенти со ковид-19. Од друга страна за вас ова е искуство какво што можеби нема да имате прилика да го видите во вашата кариера како лекари. Ваква организација немало до сега ниту кај нас, ниту во светот. Болеста е нова и непредвидлива. Клиничката манифестација е различна за секој пациент. Се соочуваме со нешто ново во медицината и за сите нас ова е во исто време и медицински проблем, но и предизвик – рече Филипче на состанокот.

Од МЗ информираат дека студентите од шеста година ќе бидат распределени во центрите каде работат под менторство на лекари специјалисти и ќе стекнат драгоцено искуство во делот на клиничката пракса.