Влез во НАТО и во вонредна состојба

137
Фото: Игор Бансколиев

Играта на судбината посака во истиот ден кога Македонија и официјално стана 30-та полноправна членка на НАТО, да биде прогласена и вонредна состојба во земјава

Бројката на заразени со вирусот ковид-19 во земјава во текот на вчерашниот ден се искачи на 35 лица, а на уште 30 им е направено тестирање. Новонастанатата состојба и прогресијата на бројката на заразени ги принудија надлежните државни органи да донесат нови, поостри мерки во борбата против коронавирусот.
Затоа Владата предложи итно воведување вонредна состојба на територијата на целата држава.
Одлуката за воведување на вонредната состојба требаше да ја соопшти претседателот на државата Стево Пендаровски, во услови кога Собранието е распуштено, а собранискиот спикер вчера истакна дека не постои законска можност за повторно свикување на Собранието.

– Политичка е одлуката за одложување на изборите и за самораспуштање на Собранието. Од правен аспект, Собранието веќе не е во можност да профункционира, затоа што веќе е самораспуштено. Јас сѐ уште го чекам предлогот од Владата за прогласување вонредна состојба, по што веднаш ќе ја препратам кај претседателот на државата – изјави Џафери.
Од друга страна, претседателот Пендаровски преку фејсбук-статус изјави дека ќе се обрати до јавноста кога претседателот на Собранието ќе го проследи до него владиниот предлог за воведување вонредна состојба.
До затворањето на денешното издание на весникот, околу 17.30 часот, сѐ уште немаше официјална потврда дали одлуката на Владата е пристигната, најпрво до кабинетот на Собранието, а потоа и до претседателот на државата.
Претходно, вчера претпладне премиерот Оливер Спасовски побара итно воведување вонредна состојба, по што предлогот беше упатен до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Токму новонастанатата состојба и опасноста од ширењето на вирусот, што секако бараше и вонредни мерки, на некој начин го ставија во втор план влезот во НАТО, како стратегиска и дамнешна определба на многу генерации политичари

Медиумите најавија дека Пендаровски ќе се обрати до јавноста во 14 часот, но дотогаш до него сè уште не беше стигната владината препорака за прогласување вонредна состојба од страна на претседателот на Собранието.
Токму ваквата некоординираност на институциите и нивната бавна реакција на момент оставаат блед впечаток во јавноста, која со право бара брзи и решителни мерки, заради подобро справување со епидемијата.
„Нова Македонија“ пред затворањето на денешното издание се обиде да добие одговор и од Кабинетот на претседателот до каде е процедурата за прогласувањето вонредна состојба, но оттаму само кратко одговорија дека го очекуваат предлогот.
Најави за воведување вонредна состојба имаше уште за понеделникот, кога заседаваше Советот за безбедност, но тогашните процени на претседателот Пендаровски беа дека не се созреани условите за воведување кризна или вонредна состојба, иако кратко по неговото обраќање министерот за здравство Венко Филипче информира за нови заразени граѓани.
Вчера во Владата се одржа и прес- конференција на која беше поздравен влезот на земјава во НАТО, откако Шпанија го ратификува Протоколот за влез во НАТО на земјава.
– Дојдовме до крајот на едно долго патешествие, во кое учествуваа повеќе генерации политичари и граѓани. Ниту една политичка идеја во нашата независна држава не преживеала како идејата за нашето НАТО-членство. Да си го честитаме членството во најголемата и најмоќна воено-политичка алијанса, честитки за трпението, за волјата и за истрајноста – истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров подвлече дека Македонија покажала оти може да ги надмине и најтешките предизвици.
– Ова значи поголема безбедност, стабилност и просперитет на нашата татковина и сите македонски граѓани. Покажавме дека можеме да ги надминеме и најтешките предизвици. Стејт департментот ќе ги извести сите сојузници и потоа ќе дојде време ние да го депонираме нашиот инструмент за ратификација, потоа формално ќе станеме 30-та членка на Алијансата. Ќе покажеме дека сме достојна земја-членка – рече Димитров.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, истакна дека земјава влегува во нова фаза.
– Членството во НАТО значи припадност на вредности на кои почива западната цивилизација. Вредности на слобода, демократија – порача Османи.

Фото: Игор Бансколиев