Вирусот ќе се лекува со крвна плазма од оздравени пациенти

431

Изготвен е протоколот за лекување заболени од коронавирус со крвна плазма од излекувани пациенти, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Кон лекувањето на овој начин министерот вели дека пристапуваат многу внимателно.

– За лекувањето со крвна плазма специјалистите од Институтот за трансфузиона медицина го изготвија протоколот. Тој треба да ги помине и официјалните процедури во Агенцијата за лекови. Тоа е процес на лекување кој што не е индициран кај секого. Нема сериозни податоци освен публикации дека може да се користи во дадени, многу конкретни случаи. Кон ова прашање пристапуваме многу внимателно – рече министерот Филипче.

Универзитет во источна Турција, како што беше објавено денеска, почнал да користи крвна плазма за пасивно да ги имунизира пациентите заразени со коронавирус. Се зема плазма од пациент кој закрепнува од коронавирус, кој е негативен на вирусот.

– Првпат во Турција, Медицинскиот центар „Тургут Озал“ зеде плазма од излечен пациент со ковид-19, користејќи метод наречен плазмафереза и го примени на друг пациент, кој е во многу сериозна состојба во одделот за интензивна нега – рече ректорот на Универзитетот Ахмет Кизлај.

Овој метод претходно се користел за лекување на САРС (тежок акутен респираторен синдром, исто така предизвикан од коронавирус) и ебола.