Вакцинирањето во земјава ќе започне до март и ќе биде бесплатно

302

Вакцинирањето за ковид-19 ќе започне во првите два-три месеци од следната година, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Ќе се примаат по две дози, а во 21 ден по втората доза се очекува лицето да се стекне со имунитет.

– Во делот на набавката на вакцините, да повторам дека се веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот. Тоа е механизам на СЗО и глобалната Алијанса за имунизација во која учествуваат сите соседни земји освен членките на ЕУ. Покрај овој механизам веќе доставивме барања за директни договори до две светски компании Астразенека и Фајзер за нивните вакцини и после нивните иницијални одговори, сега ја чекаме и дефинитивната потврда дека дополнтелна количина ќе можеме да набавиме директно од компаниите – рече Филипче.

Освен тие вакцини, министерот вели дека ќе биде искористен и механизмот кој го понудија дел од членките на ЕУ.

– Беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на ЕУ, а од кои 100 милиони за земјите кои не се членки на Унијата. Иницијална понуда добивме од Полска и од Грција. Освен тоа аплициравме за 800 илјади допоплнителни дози – истакна министерот.

Фрижидерите на -70 степени кои служат за чување на вакцините се набавени од американска фондација, која министерот не ја именуваше и тие ќе пристигнат на почетокот на јануари.

– Вакцинацијата ќе се врши во постоечките наши капацитети, а тоа се вакциналните пунктови и болниците. Ќе се спроведе еден брз процес на тренинг за вакцинирање, сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени. Веќе имаме соодветна експертиза во делот на здравствените работници кои работат во вакциналните пунктови – рече Филипче.

Цената на вакцината изнесува 10 долари, но таа за граѓаните ќе биде бесплатна.

Пациенти кои прележале ковид ќе можат доколку сакаат да се вакцинираат, но сепак ќе постои приоритетна листа.