Бухова: Во домашна изолација 63 заразени, тестирањето продолжува

197

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Бухова вели дека будно се следи состојбата со кластерите на новозаразени од коронавирусот што се појавија во конфекциските фабрики во Штип и во одредени правни субјекти во Тетово.

До вчерашниот ден од планираните 485 тестирања на вработени во петте конфекциски фабрики, завршени се 100.

– Во Штип се издадени 55 решенија на лица кои се позитивни на коронавирусот за домашно лекување и самоизолација и 169 решенија на лица за здравствен надзор и изолација по однос на контакти – рече Бухова.

Во Тетово, пак, од планираните 150 тестирања на лица вработени во одредени фирми, завршени се 70.

– Во Тетово, осум решенија се издадени по основ дека се инфицирани со коронавирусот за домашно лекување и самоизолација и 54 решенија по основ на контакти. Напоменувам дека овие бројки кои ги кажав се однесуваат само на позитивните и контактите кои се изолирани во конфекциите и правните субјекти во овие два града. Во оваа бројка не се внесени кластерите во фамилии или другите позитивни лица. Правните субјекти и текстилните фабрики покажаа исклучително почитување на протоколите со што веднаш по појавување на еден позитивен вработен сами престанаа со работа – вели Бухова.

Таа го повика Министерството за внатрешни работи да врши контроли на лицата за кои се издадени решенија за изолација и за домашно лекување.

Бухова ги демантира информациите кои ги објавиле одредени медиуми, дека конфекциските фабрики во Штип сè уште работат.

– Во моментов таму се земаат брисеви од вработените и присуството на вработените е исклучиво врз таа основа – вели таа.