Бројот на пациенти ќе се зголемува до крајот на април

234

Според министерот за здравство, Венко Филипче, зголемувањето на бројот на пациенти во овој период е очекувано од страна на епидемиолозите, а ваквиот тренд ќе продолжи се до пикот кој согласно проценките треба да се случи на крајот од април. Целта на воведување на мерките е да нема нагло зголемување на заболени од коронавирус, односно бројот на пациенти да биде соодветен на оној кој може да се третира од страна на здравствените институции.

– Зголемувањето на пациенти во овој период е според очекувањата на епидемиолозите. Тој тренд ќе продолжи сè до пикот, кој според сегашните проценти се очекува на крајот од месец април – рече тој.

Филипче ја објасни состојбата со коронавирусот, потенцирајќи дека се чекаат студиите за процентка на антитела, со цел да се види дали може со колективен имунитет, граѓаните да се борат со вирусот сè до изнаоѓањето на вакцина.

– Сега е ситуација во којашто тешко може да се превиди дали градови можат да очекуваат втор пик, бидејќи епидемиолозите тешко можат да го кажат тоа, оти нема сигурни факти врз кои може да се направи проценка. Има некоја проценка дека бројот на заболени во Вухан може повторно да расте. Всушност, воведување на мерки, не само кај нас, туку секаде во светот, има за цел да ја растегне епидемиолошката крива. Значи, да се примат што помал број пациенти или број на пациенти кои здравствениот систем може да ги издржи. Во периодот кој следи, ги чекаме и студиите во однос на проценката на антитела, за да видиме дали може да се стекне имунитет, дури и колективен имунитет во следните година дена сè до излегувањето на вакцината. Веројатно тоа и ќе биде текот на оваа болест, како и епидемиолошката слика која ќе биде во светот. Значи, имаме мерки со кои го амортизираме ударот од огромен број пациенти во здравствениот систем, така што сите предвидување се во таа насока за кои не можеме целосно да сме сигурни – потенцираше Филипче.