Британската амбасада донира пакети со храна и средства за хигиена за најранливите

63

Британска амбасада Скопје се приклучи кон иницијативата на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски – „Волонтираме за солидарно општество“ и донира 450 пакети со вкупно 6.200 прехранбени продукти и продукти за хигиена за поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

Донацијата е направена во соработка со Црвен крст на Република Македонија, која е една од партнерските организации во рамките на оваа хуманитарна иницијатива. Доставата на овие пакети до граѓани кои се од најранливите социјално загрозени категории ќе се врши согласно протоколите за заштита и за превенција, а врз основа на искуството на Црвениот крст.

При извршување на донацијата британската амбасада во Скопје ги почитуваше сите протоколи за безбедност пропишани и препорачани од Владата и од Светската здравствена организација, вклучително и физичка дистанца, проветрување, дезинфекција, миење раце и носење заштитна опрема (маски и ракавици).

– Британија останува силен партнер на Република Северна Македонија и продолжува да го гради и зацврстува долгогодишното пријателство – соопштија од амбасадата.