Брзи антиген тестови на скопскиот аеродром

71
Фото: Архива

Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради ковид-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при клиниката „Жан Митрев“ креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.

Почнувајќи од неделата, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница е распоредено пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Ц“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.

Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.

Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот.

За повеќе детали во врска со самиот тест, патниците треба да ја контактираат лабораторијата „Жан Митрев“ на 02/3091484. Додека за детални информации во врска со тестовите коишто ги прифаќаат земјите од ЕУ/Шенген, ТАВ апелира до патниците задолжително да ја контактираат својата авиокомпанија и Амбасадата на земјата на нивното пристигнување.

Доколку патниците одлучат да направат брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, треба да пристигнат на Аеродром најмалку 4 часа пред времето на полетување.

Како што претходно беше објавено, Холандија бара задолжителен негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион, како дополнување на нивното барање за задолжителен негативен ПЦР-тест. Германија бара негативен брз антиген тест одобрен од СЗО не постар од 48 часа, но исто така прифаќа ПЦР, ЛАМП или ТМА тестови. Велика Британија бара негативен антиген тест не постар од 72 часа, но исто така прифаќа ПЦР или ЛАМП тестови.

Во моментов, само брзите антиген тестови одобрени од СЗО може да се направат на Меѓународниот Аеродром Скопје преку услугите на клиниката „Жан Митрев“. За сите други ковид-19 тестови, ТАВ Македонија апелира до патниците да ги направат во авторизирана болница/лабораторија пред нивното пристигнување на аеродромот.

Со оглед на тоа што ЕУ/Шенген земјите постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со ковид-19 и секоја земја самостојно прави промени во однос на рестрикциите за граѓаните на Македонија, патниците пред да тргнат на нивното патување, задолжително да ги проверат последните барања со нивната авиокомпанија и со Амбасадата на земјата во која што планираат да пристигнат.