Болничарки и медицински сестри од прилепската болница заразени со коронавирус

264

Четири болничарки и три медицински сестри во гинеколошко акушерското одделение во прилепската болница „Борка Талески“ се заразени со коронавирус. Ова денеска го потврди директорот д-р Драги Богојески, кој посочи дека девет лица се во изолација и се со висок ризик заради контактите со заболените.

– Инфекцијата е внесена од надвор и е проширена. Болничарката кај која е најпрво утврдено дека е позитивна на коронавирусот имала симтоми на настинка, не била во контакт со заразен. Но, кога и се покачила температурата, таа е испратена на тестирање и е упатена на лекување. Сега е хоспитализирана во инфективното одделение. Другите заразени се на домашно лекување. Сите вработени во одделението се тестирани. Ниту еден од лекарите не е заразен и работата во гинеколошко акушерското одделение е организирана со реструктуирање на вработените, со цел пружање итни здравствени услуги на пациентите од регионот, вклучувајќи ги и породувањата – рече Богојески, посочувајќи дека во инфективното одделение четири здравствени лица се во изолација.

Во моментот, персоналот на гинеколошкото одделение работи со пациентите обезбеден со сите здравствени средства. Ризикот за заболување кај пациентите кои доаѓаат на преглед или лежат во одделението бил сведен на миниум. Од почетокот на корона-кризата досега 15 здравствени работници во неколку одделенија на болницата биле заразени од коронавирусот.

Инаку, се функционира нормално во прилепската болница, а еден лекар-интернист е упатен на припомош во болницата „8-ми септември“. Ка.М.