Аплауз и овации за нашите херои

1609
Фото: Игор Бансколиев

Во оваа уникатна, епска борба, на фронтот во првите борбени редови се докторите, медицинските сестри и техничарите. Здравствените работници си ги ризикуваат своите животи за да спасуваат туѓи, со што ја покажуваат својата професионална, но пред сѐ својата човечка големина. Тоа во нашите очи, во очите на јавноста, ги прави да бидат најголемите херои. И тие навистина се тоа, бидејќи вложуваат натчовечки напори и даваат сѐ од себе за да се справат со ситуацијата. Сите ние треба да им покажеме дека ги цениме и дека сме им благодарни за сѐ што прават

Светот забавува, небаре запира. Живееме во ера на ковид-19, која е вистински тест за човештвото. Буквално секој поединец во ова време мора да ја покаже на дело својата одговорност кон себе, кон блиските, кон заедницата, за да можеме што поскоро сите заеднички да излеземе како победници од оваа битка.
Во оваа уникатна, епска борба, на фронтот во првите борбени редови се докторите, медицинските сестри и техничарите. Здравствените работници си ги ризикуваат своите животи за да спасуваат туѓи, со што ја покажуваат својата професионална, но пред сѐ својата човечка големина. Тоа во нашите очи, во очите на јавноста, ги прави да бидат најголемите херои. И тие навистина се тоа, бидејќи вложуваат натчовечки напори и даваат сѐ од себе за да се справат со ситуацијата. Сите ние треба да им покажеме дека ги цениме и дека сме им благодарни за сѐ што прават.
Нам ова ни е работа, ќе ви речат некои од нив ако ги прашате како тие гледаат на нивната заложба во овие тешки денови, што ги прави уште поголеми поради скромноста.

Проф. д-р Андреја Арсовски, торакален хирург и медицински директор на првата приватна општа болница „Ре-медика“, вели дека дисциплината на секој поединец е најголемата поддршка што може населението да му ја даде на целиот медицински персонал во овие моменти.
– Секој лекар е свесен дека и во редовни услови, но и во ситуации од вонреден карактер, мора да е подготвен и да се стави комплетно во служба на здравјето на граѓаните. Во вакви моменти најважно е населението да се придржува до мерките, за да може на крајот да се надмине целата ситуација. Најголема поддршка за целиот медицинскиот персонал е почитувањето на мерките од страна на секој граѓанин – вели д-р Арсовски.

Д-р Божидар Кочоски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, кој работи на Клиниката за хематологија, е согласен дека најголемиот аплауз за трудот на здравствените работници ќе биде почитувањето на населението на препораките за одговорност и за седењето дома.
– Нашата перцепција е дека ние лекарите го работиме она за кое сме учеле и сме се подготвувале. Се работи за нешто што е наше секојдневие. Точно е дека овој пат сме изложени на поголема опасност, но повеќе некако стравуваме за здравјето на нашите најблиски, на кои можеме да им го пренесеме вирусот. Ова нам ни е работа и затоа, според мене, најголемата поддршка и најголемиот аплауз би биле ако граѓаните ги почитуваат мерките на здравствените власти и она што е предвидено со препораките за заштита.

Иако е намален обемот на работа и бројот на пациенти е намален поради ситуацијата и се примаат само оние што се навистина неодложни или во тек на терапија, сепак сите здравствени работници сме изложени на поголем ризик од вирусна инфекција, а и стресот е поинаков. Во однос на нашата лична заштита, менаџментот на клиниката се погрижи да имаме соодветни очила, капи, маски, заштитни наметки, ракавици, кои и рутински се користат поради намалениот имунитет на нашите пациенти. Пораката за граѓаните е една: „Седете дома“ – вели д-р Божидар Кочоски.

И за крај, ние како граѓани треба да имаме совест и имаме должност да ги почитуваме инструкциите и наредбите на надлежните, постапувајќи во интерес на нашето здравје и здравјето и безбедноста на секој од нас, на нашите семејства, пријателите, познаниците и сограѓаните. Ние имаме можност да останеме во изолација или карантин, со надеж дека ќе го зачуваме сопственото здравје. Но лекарите, медицинските сестри, техничари и сиот медицински персонал ја немаат таа привилегија. Тие се на фронтот во првите борбени редови. Тие се нашите херои. Суперхерои.