Администрацијата десеткувана од ковид-19

396
Фото: Маја Јаневска-Илиева

НОВА ПРЕДИЗБОРНА ЕНИГМА ЗА РЕШАВАЊЕ

Во вакви околности на намалена ефикасност и функционалност на администрацијата се наметнува дилемата дали евентуална инфекција во ДИК може да го наруши целиот изборен процес, во сегашниот или во некој иден стадиум, и како би се постапило при ваков случај

Може ли успешно и ефикасно да функционира администрацијата на локално и на централно ниво по информациите за зголемен број на заразени со ковид-19 во државните институции. Вирусот изминатите деновиве имаше нова експанзија со континуирано троцифрен број на заразени на дневна основа, при што зголемен број заболени има во локалните власти во Струга и во Скопје, Основното јавно обвинителство, МВР, АРМ, Лекарската комора, Центарот за јавно здравје и други институции.

Целата општинска администрација во Струга донесе одлука службите во Општината да не работат до наредниот понеделник, бидејќи службеник е позитивен на ковид-19. Претходно, од Град Скопје соопштија дека се изолирани 28 вработени, кои биле во најблизок контакт со лицето позитивно на коронавирусот, а направена е целосна дезинфекција на сите бироа и простории. Основното јавно обвинителство пред една седмица ги испрати сите вработени дома, откако еден од вработените беше позитивен на ковид-19, а просториите им се дезинфицираа.

Советник од кабинетот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев исто така беше заразен со вирусот. Чулев на Фејсбук информира и за друг случај во кој позитивен на болеста е и вработен во Одделот за информатика и телекомуникации при МВР. Натаму, двајца вработени во Лекарската комора, кои се и брачен пар, се заразиле на свадба. Во периодот кога државата се справува со пандемијата се заразија стотина припадници и на АРМ, кои заминаа во самоизолација веднаш по констатацијата на болеста.

Заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредини, е позитивен на тестот за коронавирусот, исто така уште едно лице од неговиот кабинет било позитивно на тестот, а уште неколкумина, според протоколот, се веќе во изолација, потврдија вчера од АРМ.
Дополнително, позитивни на коронавирусот се потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, како и градоначалникот на Гази Баба.

Од друга страна, Владата неодамна донесе одлука да се воведат засилени контроли и мониторинг во одредени подрачја каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани со ковид-19. Дополнително, од први јуни престанаа да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи, како работа од дома, организирање ротации и други слични мерки. Во вакви околности со преполовена администрација се наметнува дилемата како да се спречи и да се превенира натамошно ширење на пандемијата и што да се прави доколку истото тоа се случи и со телата и органите на Државната изборна комисија, во период кога од нив се очекува да ги организираат најавените избори. Дали евентуална инфекција во ДИК може да го наруши целиот изборен процес, во сегашниот или некој иден стадиум, и како би се постапило при ваков случај.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, вели дека сите вработени во оваа институција засега се во добро здравје и, за среќа, сѐ уште нема заболен од ковид-19 во пресрет на подготовките за изборниот процес.
– Ние уште на почетокот од овие случувања започнавме многу строго да се придружуваме до здравствените стандарди и протоколи, кои се неопходни за да си ја одржиме здравствената состојба стабилна во ДИК. Во тој правец сите носиме маски, а нашите канцеларии се дезинфицираат 2 пати во текот на неделата. Се надевам дека и во иднина ќе продолжи да биде ваква состојбата со што ќе се заштити здравјето на оние што работат во ДИК – вели Дерковски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тој сепак објаснува дека кога се говори за претстојните избори, мора да се напомене дека предизвикот е голем во заштитата на здравјето на луѓето што ќе учествуваат во процесот на спроведување фер и демократски, бидејќи станува збор за 35 илјади лица, кои ќе бидат на еден или на друг начин ангажирани во изборните комисии.
Според него, дополнително на избирачките места ќе гласаат и околу еден милион гласачи со што состојбата за заштита на здравјето на сите луѓе ќе биде навистина сериозна и одговорна.

– Ние во овој момент сѐ уште го немаме добиено протоколот за спроведување на изборите од Комисијата за заразни болести, а кога тој ќе стигне на наша адреса ќе го преточиме во инструкции како ќе се врши заштитата на здравјето во изборниот процес – вели Дерковски.

Тој размислува дека најверојатно ќе се врши дезинфекција на гласачите пред гласачкото место, кои потоа единствено само со маски ќе влезат и ќе гласаат на избирачкото место, а дополнително потоа ќе следува повторна дезинфекција на гласачите по гласањето и по таков редослед ќе се спроведува заштитата на здравјето во услови кога болеста сѐ уште е присутна во Македонија.
Дополнителната заменик-министерка Невенка Стаменковска-Стојковски вели дека внатре во институциите не се доволни напорите за да се заштити здравјето на вработените од јавниот сектор.

– Негрижата и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работата и протоколите се најизразени во институциите, но никој не поведува постапка и не бара одговорност од функционерите, кои се должни и одговорни за доследна примена на законите и грижата за здравјето на вработените во јавниот сектор – изјави таа.
Поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец смета дека луѓето во институциите не се вратиле пребрзо на работа, туку проблемот е што не се почитуваат мерките за заштита за спречување на ширењето на вирусот. Тој не ја исклучува можноста од зголемување на бројката на заразени во институциите.

[email protected]